Фото: Принтскрин од видео од @HezkeiB

ВИДЕО | Сопругата на израелскиот министер Бен Гвир му подари роденденска торта со златна бесилка

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир го прослави својот 50-ти роденден со торта со мотив на златна бесилка, пренесува ХРТ.

Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат како Бен Гвир ја прима тортата од својата сопруга, на која има златна јамка со порака „Среќен роденден“ и додаток „Понекогаш соништата се остваруваат“. Политичарот на прославата носел и значка во форма на златна бесилка додека неговата сопруга Ајала му ја врачувала тортата.

Настанот, според медиумите, се одржал во вила на југот на Израел, а на него присуствувале високи израелски функционери и припадници на полицијата. Златната јамка стана еден од клучните симболи на крајнодесничарската партија на Бен Гвир, „Оцма Јехудит“, за време на кампањата за воведување смртна казна исклучиво за палестински осуденици за тероризам.

Последното погубување во Израел е извршено во 1962 година

За време на кампањата, бројни политичари носеа значки со тој симбол во израелскиот парламент Кнесет. Израелскиот парламент на крајот на март усвои закон според кој смртта со бесење стана стандардна казна за кривични дела поврзани со тероризам. Смртната казна за вообичаени кривични дела е укината во Израел уште во 1954 година, а последното погубување е извршено во 1962 година.

Организациите за човекови права и бројни светски лидери го критикуваа законот, тврдејќи дека е дискриминаторски бидејќи најмногу ќе ги погоди Палестинците на Западниот Брег.

Министрите за надворешни работи на Австралија, Германија, Франција, Италија, Нов Зеланд и Обединетото Кралство пред неговото усвојување објавија заедничко соопштение во кое изразија загриженост дека законот може „да ги поткопа обврските на Израел кон демократските принципи“.

На роденденот присуствувале претставници на полицијата и затворскиот систем

Откако законот во Кнесет беше усвоен со 62 гласа „за“ и 48 „против“, Бен-Гвир ја одбележа прославата со шампањ, додека пратениците ја поздравуваа одлуката, пренесува ХРТ.

На неговата роденденска прослава присуствувале и повеќе високи функционери од израелската полиција и затворскиот систем, што предизвика дополнителни контроверзии во момент кога бројот на убиства во Израел достигнува рекордни нивоа.

Само два дена пред прославата, во централниот дел на Израел беа убиени двајца мажи во триесеттите години, со што бројот на убиени оваа година се искачи на 111, од кои 95 се арапски државјани на Израел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот