ВИДЕО: СДСМ едногласно ги потврди новите министри, Ковачевски вели дека избрал докажани луѓе

Прес на Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ/Фото: Скриншот

Социјалдемократскиот сојуз вечерва на седници на партиските тела едногласно го поддржа новиот состав на Владата, кој мандатарот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, утре треба да го достави во Собранието.

Тој вечерва во изјава од партиското седиште рече дека избраните кадри се „докажани луѓе“. На прашањето околу приоритетите на новата влада, меѓу кои се и справувањето со енергетската криза, Ковачевски рече дека ќе бидат преземени низа мерки за енергетска стабилност.

За очекувањата од средбата со бугарскиот премиер, тој рече дека е добро што ќе се разговара за инфраструктирата, економијата , односно за иднината , а не за историјата.

– Во однос на нашите позиции што се утврдени во Парламентот, македонскиот јазик, македонскиот идентитет се нашите црвени линии, бидејќи ние сме Македонци кои живеат во Република Северна Македонија, рече Ковачевски на прес-конференцијата.

Славица Грковска е предложена на позицијата вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски се враќа на својата некогашна функција – министер за земјоделство, Никола Тупанчевски ќе биде новиот министер за правда, додека неговиот претходник во Правда, Бојан Маричиќ, ќе биде вицепремиер за евроинтеграции.

Славјанка Петровска е предложена на позицијата министер за одбрана, Бисера Костадиновска Стојчевска е предложена за министерка за култура, а Јована Тренчевска за труд и социјална политика.

Фатмир Битиќи, Благој Бочварски и Горан Милевски остануваат на досегашните позиции.

Министер за здравство, министер без ресор задолжен за Дијаспората и за Информатичко општество и администрација се кадри на Алијанса за Албанците.

Кадрите на ДУИ остануваат непроменети во новата влада. Али Ахмети одлучи да не ги менува досега поставените министри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот