ВИДЕО: Сандерленд победи во „најскапиот натпревар во светот“ и по осум години се врати во Премиер лигата
Фудбалерите на Сандерленд во драматичен натпревар на славниот „Вембли“ во Лондон со пресврт ја совладаа екипата на Шефилд јунајтед со 2-1 и обезбедија враќање во Премиер лигата по осумгодишна пауза.
Препорачано
Шефилд поведе во 25. минута преку Тајрис Кембел, а само девет минути подоцна нивниот втор гол, дело на Харисон Бароуз, беше поништен поради офсајд. Сандерленд долго време бараше пат до израмнување, кое конечно го најде во 76. минута кога погоди Елијезер Мајенде.
Најголемите возбудувања се случуваа во самата завршница. Победничкиот гол за Сандерленд беше дело на Том Вотсон во петтата минута од судиското продолжение.
Финалето на плејофот од Чемпионшип традиционално се смета за „најскап натпревар во светот“, бидејќи враќањето во елитата носи приход од над 250 милиони евра, благодарение на ТВ права, маркетинг и комерцијални договори.
Сандерленд последен пат играше во Премиер лигата во 2017 година, по што падна и до третата англиска лига. Минатата сезона тимот ја заврши на 16. позиција во Чемпионшип, но оваа година направи голем чекор напред и се враќа на големата сцена.


