ВИДЕО: Рексам испиша историја во ФА Купот, елиминираше премиерлигаш
Велшкиот фудбалски клуб кој е во сопственост на холивудските ѕвезди Рајан Рејнолдс и Роб Мекелхени испиша златни страници во својата историја. Рексам вчера приреди сензација во ФА Купот, откако по изведување пенали го елиминираше премиерлигашот Нотингем Форест и обезбеди пласман во четвртото коло од најстарото фудбалско натпреварување во светот.
Препорачано
Откако актерскиот тандем го презеде клубот додека настапуваше во Националната лига, Рексам доживеа неверојатен подем, експресно се искачи до Чемпионшип, каде и оваа сезона прикажува одлични настапи и сериозно конкурира за место во плејофот.
Рексам имаше фантастично прво полувреме и поведе со 2-0 преку головите на Кекаче и Ратбон. Во продолжението Игор Жесус намали на 2-1 во 64. минута, но Хиам во 74. повторно донесе комфорна предност од 3-1. Радоста на домашните не траеше долго, Хадсон-Одои најпрво намали на 3-2, а во 89. минута со вториот гол го израмни резултатот и го однесе натпреварот во продолженија.
Во дополнителните 30 минути немаше промена на резултатот, па патникот понатаму се решаваше преку пенал-рулет.
Повеќе нерви и концентрација покажаа фудбалерите на Рексам, а апсолутен херој беше голманот Оконво, кој одбрани два удари од белата точка и ја потврди големата победа, по што следуваше ерупција од радост на трибините.


