ВИДЕО: Пунктот за бездомници е отворен 24 часа, 154 лица преноќиле за време на студените денови

Бездомник спие кај Сити галери / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Веќе 14 години пунктот за бездомници Момин Поток ја дава својата помош и поддршка на бездомните лица од Скопје. Координаторката на пунктот, Драгана Лазаревска денеска во Утрински брифинг рече дека мисијата на овој пункт не е само да им овозможи преноќување и храна, туку и да ги реинтегрира и ресоцијализира бездомните лица.

– Освен редовните сервисни услуги кои ги добиваат бездомните лица, ние во најладните денови го отвораме стационарниот дел кој е наменет за преноќување и згрижување. За околу 40 дена колку што е отворен стационарот, тука имаме 154 преноќувања од страна на 16 бездомни лица. Освен редовните сервисни услуги кои им следуваат на бездомниците, како перење на валканата облека, топол оброк и напиток, како и лекови, постои и советодавно консултативен разговор со доктор, социјален работник и психолог. Стационарниот дел е отвора согласно температурите што ќе го зафатат Скопје, вели Лазаревска.

Низ градот патролираат и мобилни тимови кои ги детектираат и лоцираат бездомните лица.

– Доколку прифатат помош и поддршка од наша страна, тие со возило на Црвен крст се транспортираат до Пунктот за бездомници, со цел да не западнат во состојба на хипотермија. Најчесто во лоцирањето на бездомните лица ни помагаат совесни и хумани граѓани кои ни дојавуваат каде има бездомно лице. Ние веднаш правиме првична проценка на ранливоста на тоа бездомно лице, а потоа оставаме на негова лична одлука дали ќе дојде во пунктот за бездомници. Често се случува поради некои лични убедувања на бездоникот, тој да не сака да ги користи услугите на пунктот. Во тој случај патролното возило е должно да бездомното лице да му даде ќебе, вреќа, медикаменти, топол напиток и витамини, вели Лазаревска.

Таа нагласува дека во изминативе години им помогнале на 15 бездомни лица да се реинтегрираат и ресоцијалираат.

– Тие не се повеќе бездомни лица благодарение на општествено одговорни компании и фабрики, кои ја препознаа желбата на овие лица да се тргнат од улицата., и истовремено беа ослободени од стигмата дека не сакаат да работат со бездомни лица, туку ги земаа во предвид нивните способности и квалитети. Верувам дека ќе се зголеми бројот на успешно реинтегрирани бездомни лица, но за тоа да се случи потребно е да се зголеми и бројот на одговорни компании, апелира Драгана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот