Пожари во Шпанија/Фото: Emilio Fraile / Zuma Press / Profimedia

ВИДЕО | Пожари од огромни размери во Грција, Турција, Црна Гора и Албанија, во Шпанија пронајдена трета жртва

Еден маж загина додека се обидувал да изгасне шумски пожар во регионот Кастиља и Леон во северозападна Шпанија и тој е трета жртва од пожарите ова лето во земјата, соопштија денеска властите.

„Денес жалиме поради смртниот сличај на маж кој учествувал во противпожарните сили во покраината Леон, поточно во регионот Валдерија“, напиша на социјалните мрежи регионалниот гувернер на Кастиља и Леон, Никанор Сан Велез.

Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка ја потврди смртта на јавната телевизија, изразувајќи сочувство до „семејството, колегите и целото општество“.

Министерот, кој во среда навечер побара помош од Европската Унија и испраќање на два авиони „Канадер“, рече дека избувнале вкупно единаесет пожари од второ ниво (на скала од четири нивоа) и дека вторите ги „загрижуваат“ властите, „особено во Замора“, во Кастиља и Леон, каде што „изгорела значителна област“.

Тревогата за пожар од второ ниво значи зголемен ризик од пожар и распоредување на дополнителен персонал, главно од армијата, како и противпожарна опрема.

Ова е трет смртен случај во пожарите по објавувањето во вторникот наутро за смртта на маж од тешки изгореници на целото тело во шумски пожар во Трес Кантос, локација на 25 километри од центарот на Мадрид.

Во вторник навечер, 35-годишен волонтер исто така загина борејќи се со пожар во покраината Леон. Други лица беа повредени во пожарот и се во сериозна состојба поради изгореници.

Серијата пожари се совпаѓа со бран високи температури што продолжува и денес, 12-ти ден, при што сите региони во земјата се во состојба на готовност, вклучително и северот. Максималните температури се 40 степени Целзиусови, а ноќе не паѓаат под 25 степени Целзиусови.

Њујорк тајмс: Јужна Европа во пламен

Десетици пожари беснееја низ Јужна Европа во средата, поттикнати од силни ветрови и високи температури, објави „Њујорк тајмс“. Екстремни температури го погодуваат поголемиот дел од Јужна Европа од петокот, а најмалку четири лица загинаа во пожарите што беснеат во Шпанија, Грција, Турција, Црна Гора и Албанија, додаде американскиот весник.

Десетици луѓе, вклучувајќи пожарникари, се повредени во напорите за гаснење на пожарот.

Во Грција, како што продолжува „Њујорк тајмс“, властите распоредија речиси 5.000 пожарникари и 62 авиони, заедно со неколку бродови на крајбрежната стража.

Во него се цитира изјавата на портпаролот на противпожарната служба, Василис Ватракојанис, за многу високиот ризик од пожар и многу силните ветрови на туристичкиот остров Хиос, каде што пожарот се подели на два фронта што се приближуваа кон станбените области. Силните ветрови, исто така, ги попречија напорите за гаснење на пожарот во Превеза и Патрас.

Шпанија, исто така, беше силно погодена од пожари оваа недела, при што високите температури ја сушат вегетацијата и ги прават веќе сушните области позапаливи. Најмалку 14 активни пожари гореа во средата, изјави министерката за еколошка транзиција, Сара Агешен.

Во меѓувреме, најмалку 1.000 војници се распоредени за да помогнат во гаснењето на пожарите. Локалните власти соопштија дека 35-годишен пожарникар-волонтер загинал додека се борел со пожарот во регионот Кастиља и Леон, северно од Мадрид, а седум други се сериозно повредени. Меѓу седумте повредени се 37-годишен маж со изгореници на над 85% од телото и 56-годишна жена со изгореници на над 50% од телото. Околу 8.200 луѓе беа евакуирани од областа.

Во Галиција (северозапад) 115.000 хектари земја веќе се уништени од пламените јазици, особено во покраината Оренсе, каде што пожарникарите не можат да го стават пожарот под контрола во Сантреха де Кеија.

Во соседна Португалија, 2.100 пожарникари со помош на околу 20 противпожарни авиони денес се борат со пет пожари на северот и центарот на земјата.

Во Турција, министерот за внатрешни работи доцна во вторникот изјави дека околу 1.800 припадници на службите за итни случаи и 19 авиони се борат со пожар во Чанаккале, област која е особено погодена во последните недели. Денес се дозна дека еден човек загинал кога се превртело противпожарно возило.

Жртви во пожарот се пријавени и во Црна Гора, каде што Министерството за одбрана објави дека еден армиски водник го загубил животот, а друг е тешко повреден кога се превртела цистерната за вода што ја возеле.

Еден смртен случај од пожарите е регистриран и во Албанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот