ВИДЕО | Збогување со Брижит Бардо: Илјадници фанови ѝ оддаваат почит во Сен Тропе
Француската филмска дива Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во Сен Тропе, елитното летувалиште на Азурниот Брег. Последното збогување беше закажано за 10 часот во црквата Нотр Дам де л’Асомпсион, додека самиот чин на погребот ќе се одржи во целосна приватност на градските гробишта.
Препорачано
Станува збор за местото каде што Бардо помина децении во повлечен живот, скриена зад високите ѕидови на својот дом и опкружена со животните на кои им беше длабоко посветена.
Голем број почитувачи на ликот и делото на славната актерка се собраа на улиците на Сен Тропе, каде преку видео-бимови поставени на градските плоштади и на пристаништето ја следат церемонијата.
Меѓу присутните се активистот Пол Вотсон, францускиот пејач Франсо Бернем, како и претседателката на француската крајнодесничарска партија „Rassemblement National“, Марин Ле Пен.
Како што беше соопштено претходно, хотелите во познатото француско летувалиште веќе со денови се целосно распродадени, а цените на сместувањето драстично пораснале откако беше објавено дека актерката ќе биде погребана токму во Сен Тропе.
Поради погребот на Брижит Бардо, улиците на Сен Тропе преплавени со луѓе
Преполни се и локалните цвеќарници, а на улиците е забележлив сообраќаен метеж каков што не се памети во ова место.
Од туристичкото биро во Сен Тропе истакнуваат дека во овој период од годината никогаш не бил забележан ваков прилив на домашни, француски гости.


