ВИДЕО: Пораз на ТФТ од Златибор во АБА 2 лигата

фото: ABA League j.t.d./Dragana Stjepanovic

Пораз на македонскиот кошаркарски клуб ТФТ на отворањето на турнирот во Суботица, Србија, во АБА 2 лигата од Златибор со резултат 74:93. Доста слабо го стартуваа дуелот со екипата од Златибор кошаркарите на ТФТ. Особено тоа се однесува за оној дефанзивен сегмент. Му дозволија на противникот да се разигра, и да поентира, дури и повеќе од очекуваното, за што сведочи и бројот на примени кошеви во првите 10 минути, дури 33.

Се чини дека влегувањето на најискусниот во нивната екипа, Едис Нури, го донесе оној потребна енергија, не само во одбраната, туку и во напаѓачкиот дел. Одигра ТФТ далеку поцврсто во својот рекет. Немаше така „лесни поени“, како во првиот период. Освен тоа, ја „снема“ и онаа превисока предност која ја имаа кошаркарите од Златибор, како на пример во осмата минута, кога водеа со „плус 15“ (31:16).

фото: ABA League j.t.d./Dragana Stjepanovic

Се доближи екипата од Тафталиџе и на негатива од само шест поени. Прво имаше 27:33, потоа и 35:41 и 37:43 во 16 минута. Но, забележливо беше и отсуството на Морган (додека играше запиша шест поени), најсилниот играч на ТФТ, не само во одбраната, кој заработи една повреда на раката при обид да одбрани една акција на противнички играч, и повеќе не влезе во игра во тоа прво полувреме кое заврши со двоцифрена предност за противникот (51:40).

Во она второто, немаше некои сериозни промени во играта, односно начинот како се одвиваше истата. Воглавно, „златиборци“ ја „држеа“ двоцифрената предност, од 16-17 поени, а ТФТ се обидуваше да ја стигне.

Но, евидентно, нашиот тим немаше доволно енергија (во третито период направи и повеќе од 10 лични грешки, преку кои противникот добиваше лесни поени од линијата за слободни фрлања), сили, па и квалитет, што со уште пократката ротација во која го немаа ни Морган, а ни Симонс, беше дополнителен проблем за тренерот Боро Смилковски, не само за овој туку и на наредниот меч на турнирот во Суботица.

Во вторник (10 октомври) од 21.00 часот, на теренот во спортскиот центар во Суботица излегува екипата на МЗТ Скопје Аеродром. Противник во првото коло од новата сезона на македонскиот шампион е Цедевита Јуниор од Хрватска.

АБА 2 ЛИГА – ПРВ ТУРНИР – СУБОТИЦА

(РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ)

10 ОКТОМВРИ

21.00: МЗТ Скопје Аеродром – Цедевита Јуниор

11 ОКТОМВРИ

15.00: ГГД Шенчур – Пелистер
18.00: Широки – ТФТ Моцарт

13 ОКТОМВРИ

15.00: Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот