Милена Радуловиќ
Милена Радуловиќ / Фото: Инстаграм, Милена Радуловиќ

ВИДЕО | „Помислував на најлошото“: Нова болна исповед на Милена Радуловиќ

Српската актерка Милена Радуловиќ ја потресе јавноста во јануари минатата година, кога го пријави славниот драмски педагог Мирослав Мика Алексиќ за силување и за сексуално злоставување. Таа собра сила и го крена својот глас во името на сите жени кои молчат, им даде „ветер во грб“ и ја почна борбата против сексуалното насилство. Нејзината приказна не престанува да ја интригира јавноста, па затоа Милена реши уште еднаш да раскаже сѐ за „Ал Џазира Балканс“.

„Имав желба да го пријавам две години претходно. Имаше сто работи поради кои не го направив тоа. На пример, не можев да соберам сила и да им кажам на родителите, а потоа сакав и другите девојки, за кои знаев дека поминале низ истото, да го направат тоа заедно со мене. Тие беа премлади, не сакаа, не се чувствуваа добро, едноставно – не беше моментот. Потоа, добив и некои погрешни информации од адвокатите, не ми објаснија најдобро што можам, а што не можам да направам, бидејќи на сите им делуваше невозможно сѐ до овој случај. Прво ве прашуваат колку време поминало, па откако ќе им кажете дека поминале шест, седум години, тие ви велат: ‘Знаете што, тоа е вашиот збор против неговиот и не можеме да направиме многу’. Така што, јас долго време се чувствував немоќна да изреагирам и тоа многу ме измачуваше и ме нервираше. Затоа мене ми беше најдобро кога работев, кога имав нешто на кое се фокусирав и заборавав на сѐ. Но, секогаш кога ќе направев пауза, кога ќе дојдеше летниот одмор – тоа беше катастрофа“, вели Милена, па открива како дошло до моментот во кој се упатила кон полициската станица и решила јавно да ја раскаже својата приказна.

„За време на летото (2020) ги посетив родителите и им објаснив за што се работи со цел да добијам некој совет од нив. Секако, добив безрезервна поддршка и разбирање, што е голема работа, но, искрено, не очекував ништо помалку. Само се плашев бидејќи не сакав да ги повредам со таа вест. Јас за три дена се одлучив дека веста ќе излезе во јавноста кога ме прашаа дали ќе се потпишам или не. Јас, секако, им реков дека ќе се потпишам, по толку години и на овие години нема смисла да биде анонимно. Кога се одлучив дека ќе се потпишам, ми објаснија дека сѐ ќе им биде многу лесно достапно на медиумите, па затоа веднаш одлучив дека сама ќе ја раскажам ситуацијата, за да нема таблоидизација и нечии лични интерпретации. Сметав дека штом дошло до тоа, луѓето треба да ја чујат мојата приказна, од мојата перспектива. Во тој момент ми се чинеше дека само јас можам да раскажам, но потоа се појави и Ива и сѐ доби поозбилна конотација.“

За време на разговорот, Милена открива и како се чувствува во врска со тоа дека, можеби, правдата ќе биде задоволена, нешто што голем број судски случаи не успеваат да го истуркаат до крај.

„Едноставно, кога ќе дојдеш до тоа да пријавиш, кога ќе тргне тој процес и кога ќе дојде до овој стадиум како што е нашиот, потоа ги препушташ работите кај некои други луѓе т.е. ништо не е до мене. Секој треба да биде подготвен на тоа кога пријавува и да се носи со тоа бидејќи ‘ти си го направил своето’. Јас го направив своето на 16 јануари кога отидов да го пријавам и оној ден кога тој човек веќе не смееше да работи со деца и да го има тоа училиште за глума во кое ние пораснавме и го обожававме… Важно е да знаеш што ти е важно и да не се изгубиш бидејќи – кој би рекол дека ова ќе се случи?“, вели Милена и додава:

„Првата работа за која се подготвував после пријавата беше дека ќе биде тема која ќе се појави во таблоидите… Никој не очекуваше дека ќе се случат сите тие прекрасни работи. Се сеќавам на моментот кога се појавија првите објави на Твитер и споделувања на социјалните мрежи – во тој момент не знаев колку сѐ ова е важно. Не само јас, сите бевме изненадени.“

Актерката открива и како би ги посоветувала оние кои се соочуваат со нешто слично, но и нивните блиски кои треба да им бидат најголема поддршка во тој момент.

„Мислам дека зависи од тоа во која фаза е ситуацијата, дали моментално се случува или веќе поминало, па личноста се навраќа на таа траума. Во двата случаи, веднаш треба да се обратите на блиските, да ја разрешите целата работа со себе и да разговарате со вашите сакани. Тоа е нешто што постојано го зборувам. Се надевам дека луѓето кои ви се блиски ќе научат дека во тие моменти не треба да поставуваат многу прашања, туку дека ќе ве прегрнат и ќе ви кажат ‘ти не си виновен/на’ и потоа заедно ќе најдете решение. Самото пријавување може да биде, исто така, трауматично. Секако дека насилството треба да се пријави и јас секогаш апелирам дека најголем ефект има ако тоа се направи веднаш, но личноста која била жртва мора да биде доволно силна и да има поддршка од своето семејство или од својот партнер.“

Милена зборува и за своите стравови низ кои поминувала додека никој не знаел за нејзината болка.

„Што се однесува до мојата приказна, јас навистина се ослободив бидејќи со текот на годините ми се појавија многу ирационални стравови, а на нив не можеме да влијаеме. Јас се плашев дека, можеби, некоја од девојките нема да може да издржи, во смисла не само на актуелните случувања, туку и потоа. Еве, Ива во документарецот кажа дека се разбудила со помислата да исчезне од лицето на земјата. Сите помислувавме на тоа, помалку или повеќе, а размислувањето често води кон тоа да помислиш сешто. Затоа јас се плашев да не му се случи нешто некому, а јас молчев бидејќи се срамев, бев слаба, не сакав да бидам товар – има илјада одговори на прашањето зошто молчев“, вели актерката и додава дека, после сѐ, сега се чувствува многу подобро.

„Навистина е подобро кога ќе се ослободиш. Онаа секунда кога ќе решиш да зборуваш јавно е, всушност, голема количина чекори кои претходно си ги направил за да дојдеш до слободата. Јас точно се сеќавам на моментот кога ме прашаа ‘Убаво ти тргна, а што сега? Дали ти треба оваа јавна приказна?’, притоа сите ме прашуваа бидејќи беа загрижени, јас делував доста потрошено и не изгледав како некој кој ќе може да се носи со тоа лудило. Јас кажав дека оваа приказна не ја поврзувам веќе со себе и мислам дека луѓето мора да ја слушнат. Секој кој нема да ја слушне, нема да ја разбере или ќе ја осуди, всушност тој не ме осудува мене, туку нема разбирање за ништо, а тој кој нема разбирање, нема ни емпатија. Не ме интересира мислењето на тие луѓе, ниту, пак, може да ме допре.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот