ВИДЕО | „Политиканти“ на „Слободен печат“: ЕУ како тема ќе заврши во изборниот казан и ќе се замеша со ајварска лажица

Замина Мирко Попов, го испратија оние кои го почитуваа, а меѓу нив и „Политиканти.мк“. Ќе остане запаметен по македонизмот што го туркаше низ музиката, македонизам со љубов, а без омраза. Камо да имаше поддршка, како што немаше… За него повеќе во денешниот подкаст говори Борјан Јовановски. Сашо Ордановски, пак, се надоврза со жалниот факт дека Македонија е културна колонија, особено во музиката.

За жал за ова изгледа лек нема, НО! Сашо по неуспешниот обид да извади возачка дозвола, успешно изнашол лек за личните документи, поточно како да извади возачка дозвола и тоа – к’о господин. Зошто и како, а особено како – доколку си ја имате истата мака со вадење лични документи, ќе дознаете – чекор по чекор – во подкастот „Политиканти“. Секако, деталите ѝ се познати на полицијата, ама нема да ви кажат без потпис од началникот.

Во меѓувреме, излегоа изборните листи. Има ли изненадувања или изненадувањата ќе се случат по изборите? Генерално, очекувањата се дека сите ќе гласаат или за партијата или за лидерот. А со оглед на имињата на листите, како ли ќе беше ако беа отворени листи како што се предлагаше? Туку има изненадување на листите на ВМРО-ДПМНЕ. Иван Стоиљковиќ. Зошто? Па, не е ли тој оној кој со Стевчо Јакимовски на форум во Русија апелираше за спас од западниот и американскиот хегемонизам? Што носи Стоиљковиќ – гласови или српска пропаганда? – анализираат „Политиканти“.

Се шират гласишта дека уставните измени се готова работа, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгласа неколку недели откако ќе дојдат на власт. Можно ли е СДСМ сега да ги блокира? Дали воопшто гласачите ги интересира Европската Унија како тема на изборите и поттик за заокружување на ливчето?

Од меѓународната сцена. Во Москва се случи ужасен терористички чин во кој загинаа премногу луѓе. Кој стои зад тоа? Кои се четирите можни сценарија? Се сеќава ли некој како Путин се утврди на власт во Кремљ пред дваесетина години?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот