Фото „Слободен печат“ / Мирослава Симоновска
Фото „Слободен печат“ / Мирослава Симоновска

ВИДЕО | Палестинецот Ахмед во Скопје: Ме боли гладта на мојот народ, чија колективна традиција е да ја полни чинијата на гостите пак и пак

Ситуацијата во Газа викендов беше ублажена со доставата на помош како „капка во океанот“ додека појасот се соочува со очајно изгладнување. Иако Израел дозволи делумна воена пауза за помошта да влезе во Газа, сепак 14 лица починаа од неухранетост во последните 24 часа меѓу кои 2 деца. Викендов во Скопје социјалниот центар „Дуња“ организираше јавна трибина на која зборуваше Палестинецот Ахмед кој живее во Скопје.

Тој зборуваше за очајната ситуација со која е соочен неговиот народ на трибината полна критики за капитализмот кој беше посочен како виновник за сите крвави конфликти. Неговиот говор го слушаа околу 150 присутни, меѓу кои и Грета Тунберг, шведската активистка за животна средина која исто така неодамна се обиде на хуманитарниот брод „Медлин“ да достави храна, адаптирано млеко и медицинска помош во Газа, но неуспешно.

-Ме боли да ви зборувам за гладта на мојот народ, чија најголема доблест е дарежливоста кон гостите. Понекогаш гостите може да се притиснати од тоа како нашите мајки, баби и сестри инсистираат да ги нахранат. Обично семејство како моето, би готвело само еден оброк во денот ако сме сами, ама ако доаѓаат гости, се подготвуваат барем 3-4 други видови јадење. Покрај салатата и мезињата.

Не ги ни споменувам тие. Сето тоа го правиме за гостинот да има можност да проба сѐ и да се чувствува добредојден во нашиот дом. Не е само мајка ми таква, туку тоа е наша колективна традиција. Ако имате шанса да посетите палестинско семејство, ќе ве тераат да јадете како никој пред тоа.

А кога ќе јадете, само до половина завршен оброк не се прифаќа. Повторно и повторно ќе ви ја полнат чинијата додека не почнете да се „расправате“ да молите и да се колнете дека сте најадени и не можете да јадете повеќе. Ќе мора со рака да реагирате, да ги сопрете да не ви ја полнат чинијата повеќе, само да ви кажам, рече Ахмед на трибината. 

Зборувајќи за Палестина која тој ја познава,  Ахмед на присутните им се обрати за земјоделството кое што претставувало симбол на поврзаност меѓу народот и земјата, за минатото во кое секое домаќинство имало свое земјоделство и род, нешто што сега е уништено и проследено со слики на целосни урнатини, очај, глад и смрт.

Секогаш кога ќе ја посетам Палестина, сѐ повеќе се заљубувам во духот на дарежливоста на моите роднини. Кога некој има проблем, тоа е централна грижа на целото семејство. Нема одмор, додека не си помогнат едни на други. Ова е Палестина што ја знам. Најголемиот дел Палестинци се или беа земјоделци. Нивната љубов и ценење на земјата и тоа што таа го раѓа е на високо ниво. Најголемиот дел куќи се опколени со овошни дрвја од секој вид – лимони, смокви, калинки. Различни области се познати по различен род. Портокалите од Јафа, јагодите од Газа, грозјето од Хеброн. Маслинките ги има многу, во целиот регион и се симбол на мир, отпор и поврзаноста на Палестинците со нивната земја. Поради силните корени на маслиновото дрво, го користиме овој симбол да покажеме колку се длабоки нашите корени со оваа земја, рече тој. 

Ахмед изрази разочараност од како што рече „израелската пропаганда“, а критики упати како што рече кон „поддршката на империјалистичките и капиталистичките влади и бизнисите што профитираат преку дехуманизација на палестинскиот народ“. Зборуваше дека денеска во Палестина нема ниту една функционална болница – 36 од нив вкупно, се бомбардирани и уништени. 

Кога ќе ме прашаат како се чувствувам за ситуацијата во Газа, во текот на настаните бев најмногу разочаран од израелската пропаганда. Некои луѓе не поставуваа прашања за нивните лаги и ги сфаќаа како факти. Системска дехуманизација базирана на лаги и нормализација. Ова не би било можно ако не е поддржано од империјалистички и капиталистички влади и од бизнисите кои профитираат и добиваат власт преку дехуманизација на палестинскиот народ. Тажно е што згаснаа животите на 100 илјади луѓе додека чекаме нашите влади да направат нешто. Кога куќа или цела зграда беше бомбардирана, цели семејства збришани, некако го убедија целиот свет дека ова е во ред, мора да се направи и било нормално. Се што им требаше беа 2 реда во медиумската машина – „се кријат одоздола под земја, ги користат луѓето како човечки штит“, рече говорникот. 

Според него, од 7 октомври до сега, над 200 новинари се таргетирани во Газа и постојат обиди да се цензурира и ограничи известувањето од теренот. Зборуваше за етикетирањето на новинарите како „Хамас-новинари“ или „шпиони за Израел“, како и тоа што кога новинар ќе падне мртов на боиштето, тоа повеќе за светот не е битна работа. 

Целта им е да не убедат да прифатиме и да заборавиме што се случува, дека тоа е нормално, но никогаш не треба да го прифатиме нормалното, кога тоа е втемелено на неправда, рече Ахмед.

Викендов додека хуманитарната помош влегуваше во Газа, сцените беа хаотични. Како што известија светски новински агенции, луѓето качени едни врз други се обидувале да дојдат до вреќа брашно, а гладните очајни цивили уште при влезот на камионите низ границата Рафа од Египет, уште по пат им го земале брашното на возачите, неможејќи да издржат.

Потхранетоста во Појасот Газа достигна „алармантно ниво“, предупреди во неделата Светската здравствена организација (СЗО), нагласувајќи дека „намерната блокада“ на хуманитарната помош одзеде животи на десетици цивили.

Од 74 смртни случаи поради потхранетост регистрирани од почетокот на годината, 63 се пријавени во јули, вклучувајќи 24 деца под пет години, едно дете над 5 години и 38 возрасни, соопшти СЗО, дел од системот на ОН.

Оваа криза, продолжи СЗО, „можеше целосно да се избегне“, но „намерната блокада и доцнењата во испораките на храна, здравствена и хуманитарна помош во големи размери чинеа многу животи“.

Повеќе од 40% од бремените жени и доилките страдаат од екстремна потхранетост, според податоците од организацијата „Глобални кластери за исхрана“, цитирани од СЗО.

„Не е само гладот тој што ги убива луѓето, туку и очајната потрага по храна. Семејствата се принудени да ги ризикуваат своите животи за малку храна, честопати во опасни и хаотични услови“, додаде СЗО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот