ВИДЕО: Откако ја опустоши Флорида, ураганот „Ијан“ повторно тргна кон брегот на САД

Ураган Ијан/ Фото EPA-EFE/GARY BOGDON

Откако поминувајќи низ Флорида ослаби до нивото на тропска бура, Ијан повторно зајакна и синоќа се приближи до брегот на Јужна Каролина со сила на ураган и со ветрови со брзина од 120 километри на час

Ураганот Ијан се очекува повторно да удри во брегот на САД откако во изминатите два дена ја опустоши Флорида, со поројни дождови и ветришта брзи и до 240 километри на час.
Иако метеоролозите забележуваат дека имало и посилни урагани, жителите на Флорида тврдат дека Ијан бил досега најстрашниот што го почувствувале. До вчера беа потврдени дваесетина загинати луѓе, но претседателот Џо Бајден изјави дека овој ураган може да биде „најсмртоносниот“ во историјата на Флорида.

– Сè уште не се познати точните бројки, но според првите извештаи што ги слушнавме, бројот на жртвите може да биде значителен – изјави Бајден.

Откако поминувајќи низ Флорида, ослаби до нивото на тропска бура, Ијан повторно зајакна и синоќа се приближи до брегот на Јужна Каролина со сила на ураган и со ветрови со брзина од 120 километри на час.

– Кога ќе стигне до копното, се очекува брзо слабеење над југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави до сабота – објави Националниот центар за урагани со седиште во Мајами.

НХЦ објави предупредување за ураган за крајбрежна област долга околу 370 километри, од границата на Јужна Каролина и Џорџија сè до Кејп Феар во Северна Каролина. Гувернерот на Северна Каролина Рој Купер ги повика жителите да ги „преземат неопходните мерки“ и предупреди на можноста од поплави, лизгање на земјиштето и торнада.

– Бурата е сè уште опасна – предупреди Купер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот