ВИДЕО | Од научна фантастика до реалност — компанијата „Колосал“ создаде синтетички јајца од кои се изведоа здрави пилиња
Биолошката наука влезе во нова фаза откако научниците од компанијата „Колосал Бајосајенсис“ (Colossal Biosciences), позната по своите проекти поврзани со враќање на изумрени животни, објавија дека успешно одгледале здрави пилиња со помош на вештачка лушпа, односно лабораториски развиен систем за инкубација. Овој експеримент претставува значаен технолошки напредок, бидејќи реплицирањето на функциите на природното јајце долго време претставуваше сложен предизвик за научниците поради неговата специфична структура.
Препорачано

Лушпата истовремено мора да обезбеди заштита од бактерии и надворешни влијанија, но и да овозможи размена на гасови неопходни за развојот на ембрионот. Тимот на Колосал развил вештачка лушпа која ги имитира овие функции, овозможувајќи ембрионите да се развијат и успешно да се изведат.
Потенцијалната примена на оваа технологија се разгледува во неколку области. Таа би можела да помогне во зачувување на загрозени видови птици, особено кај оние чии јајца се изложени на ризик од предатори или климатски промени. Дополнително, технологијата може да има примена во медицинските истражувања и генетиката, каде контролирани услови за развој на ембриони се важни за тестирање и проучување.
Особено внимание предизвикува можната улога на оваа технологија во проектите за враќање на изумрените видови, меѓу кои е и иницијативата за враќање на џиновската моа од Нов Зеланд. Бидејќи оваа изумрена птица снесувала значително поголеми јајца од современите птици, можноста за создавање вештачки лушпи со различна големина би можела да биде важен чекор во развојот на вакви експерименти.
Иако научниците предупредуваат дека технологијата сè уште е во рана фаза и дека постојат бројни етички и биолошки прашања, овој успех покажува колку брзо напредуваат современите биотехнологии и нивната потенцијална примена во иднината.


