ВИДЕО | Најмалку 10 луѓе се повредени во торнадо во Северна Оклахома
Силно торнадо го погоди северниот дел на американската сојузна држава Оклахома, при што најмалку десет луѓе се повредени, пренесе Би-би-си.
Препорачано
Торнадото откорна покриви од згради, урна други до темел, собори електрични столбови и ги мобилизираше итните служби во рурална заедница во близина на военовоздухопловната база Ванс, што е лоцирана во градот Енид, кој има околу 50.000 жители.
Снимки покажуваат брзо ротирачки воздушен столб кој допира до земјата, како и целосно уништени домови.
„Локалната полиција беше испратена во погодените подрачја за неколку минути и започна пребарување по домовите, по што следеа повеќе проверки од противпожарната служба на Енид и сообраќајни патроли“, изјави градоначалникот Дејвик Мејсон.
Мејсон рече дека некои жители биле заробени во своите домови поради урнатини и морале да бидат спасувани. Дел од најголемата штета била во населбата Греј Риџ на јужната страна од градот, каде што куќи биле целосно срушени.
„Поддршката од нашата заедница е извонредна. Локалните бизниси понудија опрема и работна сила, жителите ги отворија своите домови, а веќе пристигнуваат и залихи“, напиша Мејсон. „Ова е духот на Енид во тешки моменти — секогаш сме тука еден за друг“.
Снимки од местото покажуваат купишта урнатини таму каде што некогаш имало домови, додека други објекти се целосно срамнети со земја.
Локалната жителка Ејми Кунц, која се враќала дома во Енид, се обидувала да ја смири својата ќерка преку телефон за време на невремето.
„Ми рече: ‘Не знам што да правам.’ Јас ѝ реков: ‘Влези во кадата.’ Таа влезе во кадата и не помина ни минута, ми рече: ‘Мамо, покривот го нема’,“ изјави Кунц за КФОР-ТВ.
Огради и дел од опремата биле оштетени и во базата Ванс, околу 129 километри северно од Оклахома. Базата ќе остане затворена поради тековни напори за обновување на струјата и водоснабдувањето.


