Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Момент на ужас на плажа во Аргентина – морето се повлече, па проголта сè пред себе

Редок и исклучително опасен метеоролошки феномен ја погоди аргентинската обала без никакво предупредување, претворајќи мирен ден на плажа во сцени на паника и хаос. Брановите ненадејно надојдоа, однесоа човечки живот и повредија десетици луѓе, додека спасувачите се бореа со стихијата.

Едно лице загина, а десетици се повредени откако феноменот познат како метеоцунами (метеоролошко цунами) ја погоди плажата во аргентинскиот крајбрежен град Санта Клара дел Мар, објави „Weather“.

Снимките прикажуваат капачи како бегаат пред брановите кои ненадејно го преплавиле брегот.

Загинал 29-годишниот Жаир Амир Мано Нуњез, кој бил на одмор со својата девојка. Тој се наоѓал на лагуната во Мар Чикита кога бран го повлекол во морето. Според првичните извештаи, тој удрил со главата во карпите, што предизвикало губење на свеста и давење.

Според локалните медиуми, најмалку 35 лица се повредени, а еден маж доживеал срцев удар откако водата го повлекла. Очевидци опишувале хаос на плажата, каде што силните бранови носеле торби, чадори и лежалки, а капачите си помагале меѓусебно за да не ги однесе струјата.

Иако снимките не го забележале главниот удар, сведоци изјавиле дека брановите биле високи и до девет метри.

– Се создаде црн вртлог, никогаш не сум видел нешто слично – изјавил еден од спасувачите.

Други се присетиле како морето необично се повлекло само неколку моменти пред огромен бран да удри во брегот.

Властите веруваат дека смртоносниот бран бил метеоцунами, феномен кој настанува поради нагли промени на атмосферскиот притисок.

– Тоа е непредвидлив настан, не знаеме дали ќе се повтори – изјави Фабијан Гарсија, началник на Цивилната заштита за провинцијата Буенос Ајрес.

Претседателот на синдикатот на спасувачите, Науел Нардоне, изјави дека брановите достигнале „незамисливи височини“ и ја нарече појавата вид „мини цунами“ кое не е предизвикано од земјотрес, туку од метеоролошки услови.

По настанот, наредена е превентивна евакуација на сите плажи во тој регион. Необично однесување на морето е забележано во повеќе градови, вклучувајќи ги Мар Чикита, Санта Клара дел Мар и Мар дел Плата, каде што спасувачите исто така морале да интервенираат откако нивото на водата за неколку секунди се искачило од половината до вратот.

Што е метеоролошко цунами

За разлика од класичните цунамија, метеоцунамијата не настануваат поради земјотреси, туку поради атмосферски нарушувања кои се развиваат на мали просторни и временски размери и преку резонанца ја пренесуваат енергијата на брановите.

Резонанцата настанува кога брзината на нарушувањето, проследена со нагли скокови на воздушниот притисок (до 10 hPa за 10 минути) и налети на ветер (до 20 m/s), се приближува до брзината на брановите во плитко море.

Кај брановите во плитко море е зафатен целиот воден столб, а нивната брзина зависи од длабочината – побрзи се во подлабоко, а побавни во поплитко море. При приближување кон брегот и поради резонанца во рамките на пристаништа и заливи, осцилациите можат да се зголемат и до 10 пати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот