ВИДЕО | Мицкоски: Убеден сум дека ќе се врати она Скопје кое го паметам од мојата младост
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски порача дека ова се убедливо најдемократските и најфер избори некогаш организирани во демократска Македонија. Тој им се заблагодари на граѓаните кои гласале во првиот, како и оние кои сега гласаат во вториот круг од локалните избори.
Препорачано
Тој рече дека на овие избори има јасна разлика помеѓу концептите кои политичките партии ги понудиле. Според него, јасен е концептот што го нуди коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а јасен е и концептот што го нудат политичките противници. Мицкоски посочи дека очекува јасна победа како што било во првиот круг.
„Да не дозволиме помали бучни групи или поединци да ја креираат и профилираат нашата иднина, туку граѓаните да си ја земат иднината во свои раце да излезат и да гласаат. Промените се почнати, процесот на реформи веќе е почнат, тоа е процес кој ќе следува во годините пред нас. Станува збор за децении кога работите биле ставани под тепих или децении во коишто апсолутно многу малку се гледало за државата, а многу се гледало за просперитетот за поединци. Чувствувам дека овие избори се продолжување на процесот на реформи, процесот на развој на Македонија“, рече Мицкоски.
Тој најави драматична разлика уште во првите денови и месеци кога на чело на градот Скопје ќе дојде новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, споредено со кој било негов претходник од минатото. Рече дека Ѓорѓиевски е мотивиран и дека ќе ја добие поддршката на Владата.
„Очекувам како скопјанец да го имаме она Скопје на коешто се сеќавам од мојата младост, во деновите кога бев средношколец, и убеден сум дека тоа Скопје ќе дојде многу скоро“, порача Мицкоски.


