Христијан Мицкоски, фото Слободен печат Методи Здравев
Христијан Мицкоски, фото Слободен печат Методи Здравев

ВИДЕО | Мицкоски објави голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашната прес-конференција објави голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори.

-Ако некој се сомневаше народот покажа дека Македонија е „повторно твоја“. Ви благодарам мој народе. Ова е заедничка победа. Ова е победа на вербата, надежта и копнежот за иднина. Ова е победа на напатениот народ, неговите соништа за кои се бориме и неговите надежи и нашата заедничка татковина. Вечерва Македонија повторно покажа зрелост. Победивме во Скопје, убедлива победа на Орце!, рече Мицкоски.

Тој објави дека Сотир Лукровски е нов градоначалник на Карпош. Победа на ВМРО-ДПМНЕ објави и во Аеродром и Чучер Сандево.

-Беше жилава борба. Со многу предизвици, се одлучуваше во 5 до 12, знаете дека не заслужува ни името да му го споменам, тој противкандидат се обиде да профитира на името на националните и етничките поделби и не успеа. Во Брвеница има вмровски градоначалник. Победивме во Валандово, Дојран и Крушево кои досега имаа градоначалници од СДСМ. Победивме и во Кочани, нашето Кочани кое мораме да го издигнеме и поткрепиме. Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново-Облешево, Виница, Конче, Демир Капија, Дебарца, Пробиштип. Морам да признаам и соопштам една посебно силна порака а тоа е од нашето Кичево. Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против раскалашеноста и недомаќинското работење и се докажа дека никој не е посилен од народот. Покажавме што можеме кога сме обединети. Таму соработувавме различни вери, припадности, против оние кои го влечеа градот надолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власти, Бошњаци, христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите во онаа политика што им е потребна на граѓаните, истакна Мицкоски. 

Тој порача дека треба да се работи на победи базирани на вредности.

-Победи идејата дека Македонија е дом за сите, Македонци, Албанци, Роми, Власи, Роми. Кичевчани, јас сум со вас и Кичево во наредниот период мора да биде и во владиниот фокус. Падна митот дека Кичево е нивно или наше, мала или голема општина. Кичево е на кичевчани, рече премиерот. 

Победата во Кичево ја окарактеризираше не како локална туку како симболична за народ кој не се плаши да се обедини околу вредностите а не околу поделби.

-Помина времето на локални шерифи и итромани кои градеа кариера преку малверзации, ситни манипулации и со децении се шалтаа од еден во друг ќош само политички да преживеат. Тоа време вечерва завршува и во скопски Карпош. Тоа е порака до сите што со нечесни подземни игри мислеа дека ќе го излажат народот. Епа вистината им се распрсна пред очи. Бомбата што ја спремаа за други им се распрсна во рака. Овој резултат е порака и до СДСМ. Не сум среќен поради нивниот дебакл но тоа е одраз на реалноста дека оваа партија не се реформираше и не фати чекор со времето. Вечерва не славиме против никого, славиме за Македонија и за новата енергија што ја движи Македонија напред, посочи премиерот.

Според него овие избори се порака и до ВМРО-ДПМНЕ да не се „забегува во победата“ туку да се оправда дадената доверба.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот