Марта Кос, еврокомесарка за проширување / Фото: Слободен печат

ВИДЕО | Дали Марта Кос откри кои четири земји се најблиску до приклучување кон ЕУ?

Марта Кос, европската комесарка за проширување, објави видео клип по повод едногодишната работа на Европската комисија во кој, меѓу другото, изјави дека ЕУ мора да им обезбеди бенефиции на своите идни граѓани од Западен Балкан, Украина и Молдавија со цел подобро да го поддржи проевропското лидерство во тие земји.

Во видеото се гледаат Милојко Спајиќ, премиер на Црна Гора, Еди Рама, премиер на Албанија, Володимир Зеленски, претседател на Украина и Маја Санду, претседателка на Молдавија.

Кос напиша на „Икс“ дека „во Европа, која е стисната помеѓу Истокот и Западот, мора да стоиме заедно“.

„Од моето раѓање, Европа е сведок на најголемата експанзија на слободата и демократијата. Тоа ги промени животите на стотици милиони Европејци, а го обликува и мојот живот. Една од моите инспирации е Симон Вејл, која го преживеа Холокаустот и стана икона на феминизмот и претседател на Европскиот парламент. Таа ја виде Европа во нејзините најтешки моменти и помогна да се најдат одговори за тоа како да се зачува мирот, слободата и просперитетот во Европа со тоа што сите Европејци ќе застанат заедно“, вели Кос.

Како што рече таа, вака започна и „напредуваше европскиот проект додека светот се менуваше околу нас“.

„Денес, Европа е стегната помеѓу Истокот и Западот, и ние повторно можеме да ја обликуваме нашата иднина само ако дејствуваме заедно. Ги преземаме следните чекори во обединувањето на нашиот континент. Ги зајакнуваме економиите, демократиите и владеењето на правото во нашите идни земји-членки за да осигуриме дека поголемата Унија може подобро да ги заштити сите Европејци. Ќе биде потребно време“,  рече Кос.

Потоа таа се осврна на европскиот пат на земјите-кандидатки за членство во ЕУ.

„Затоа веќе им обезбедуваме на нашите идни граѓани од Западен Балкан, Украина и Молдавија пристап до некои од придобивките од припадноста кон Европската Унија. Сега мора да ги прошириме тие придобивки за да можеме подобро да го поддржиме проевропското лидерство и нивната напорна работа за трансформација на нивните земји во еден сè посложен свет. Така градиме доверба низ целиот наш континент, доверба дека поголемата Унија подобро ќе им служи на сите Европејци“, рече Кос во видео на кое се прикажани Спајиќ, Рама, Зеленски и Санду.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот