ВИДЕО: Македонците донираат за Украина, првите камиони помош веќе се испратени

Татјана Урбанович- Украинско здружение

Во населбата Даме Груев, во Ѓорче Петров, на улица Шарпланинска број 4 е отворен пункт за собирање на храна, лекови, хигиенски средства и средства за чистење, наменети за настраданото население во Украина. Организаторка на хуманитарната акција е Украинката Татјана Урбанович од украинското здружение „Лесла Украинка“. Таа во интервју за Утрински брифинг вели дека веќе два камиони се на пат за Украина.

-Имаме голема потреба од храна, лекови, хигиенски средства и средства за чистење. Ги замолувам граѓаните да не донираат производи од животинско потекло бидејќи имаме отежнат извоз. Производите ги доставуваме до градот Чернивци, блиску до границата, каде што има големи пунктови за собирање хуманитарна помош, а потоа со помош на волонтери помошта се распределува низ цела Украина. Првите неколку камиони со вода, долен веш и перници и постелнини се веќе испратени, објаснува Татјана.

Пунктот ќе биде отворен додека има потреба, секој работен ден.

– Магацинот Кодинг е отворен од 8 до 19 часот во работни денови, а од 8 до 14 часот во сабота. Ако некој има желба да донира, може да не исконтактира на социјалните мрежи, ние ќе го пречекаме, но и без тоа наш претставник е тука присутен секојдневно, додава Татјана.

Македонците кои успешно се вратија од Украина досега не го контактирале здружението за обезбедување на било каква помош. Од Здружението „Лесла Украинка“ ги охрабруваат сите кои имаат потреба од било каква помош, да се обратат кај нив.

– Не можеме само да седиме и да гледаме вести, мораме да им помагаме на луѓето. Ако некој има потреба од наша помош во однос на транспортот од Украина до Македонија, исто така ќе се обидеме да му помогнеме, додава Татјана Урбанович.

Собирен пункт за донации наменети за Украина беше отворен и во Делчево. Општината Делчево е збратимена со две општини од Украина – Тернипол и Вишгород за каде е наменета помошта. Еднократна финансиска помош за Украина најави и општина Крива Паланка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот