ВИДЕО: Лекарите од ТОАРИЛУЦ во борба за спасување животи на ковид пациенти

Фото: Слободен печат. / Ристе Пејовски

Според последниот билтен на Министерството за здравство само во Скопје има 10.838 активни случаи на ковид-19. Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се бараат нови решенија за сместување на пациентите со ковид на кои им е потребна итна хоспитализација. Токму затоа веќе трета недела како ковид центар функционира Клиниката за трауматологија при ТОАРИЛУЦ, која ги обединува клиниките за Трауматологија, Ортопедија, Карил и Ургентниот центар.

– Во претходниот бран ние не бевме ковид центар, но во овој таканаречен трет бран кој се покажа дека е најсилен и со најтешки клинички слики на пациенти беше неопходно да се пренамениме во ковид центар. Овој пат станува збор за пациенти кои развиваат тешка клиничка слика за краток временски период кои за неколку дена развиваат драматични симптоми и тоа се состојби кои веднаш бараат хоспитализација, вели за „Слободен печат“ директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Александар Трајановски.

Во моментов, на Клиниката, во делот Трауматологија сместени се 30 пациенти.

– На Клиниката за Трауматологија која e пренаменета во ковид центар имаме на располагање 30 болнички кревети кои во моментов се пополнети. Тоа се пациенти со потешка клиничка слика кои имаат потреба од кислородна поддршка. Дел од нив се на респиратори. За овие пациенти се грижат 10 анестезиолози кои работат сменски како и 24 медицински сестри и друг медицински кадар како што се болничари, хигиеничари, мислам дека досега, во рамки на нашата установа се снаоѓаме одлично, вели директорот д-р Трајановски.

Лекарите и помошниот медицински персонал во претходниот период своето искуство во лекување на болните од ковид го стекнале работејќи и помагајќи активно на Клиниката за инфективни болести, ГОБ 8 Септември и другите ковид центри.

– Апсолутно се запазени сите протоколи за работа, целиот медицински кадар е обучен доволно и пациентите имаат максимална нега од тој аспект, открива д-р Трајановски и додава дека паралелно со борбата со ковидот клиниката ТОАРИЛУЦ од почетокот на пандемијата не престанала да прима и пациенти во Ургентниот центар, а се извршуваат ургентните и трауматолошки операции.

-Моментално на нашата клиника без прекин се извршуваат сите интервенции за кои е потребен итен третман. На секој пациент му е укажана лекарска помош. Кој е за оперативен зафат, истиот е извршен. Тие операции се извршуваат во салите на Трауматологија, додека пациентите се сместени на Клиниката за ортопедија. Ортопедските операции кои се елективни, односно не захтеваат итен третман се поместени, за некој период, затоа што моментално главен приоритет ни е пандемијата и големиот наплив на пациенти кон болниците. Ортопедски пациенти кои се со малигни заболувања, пациенти од детска патологија и тие што имаат потреба од оперативен третман се оперирани. Значи нема застој во работата кај пациентите со малигни болести зошто на нив тоа им е најпотребно, вели д-р Трајановски кој функцијата директор ја презеде пред шест месеци кога неговиот колега д-р Илир Хасани стана заменик министер за здравство.

Двојното работење и како ковид центар и како ургентен хируршки центар предвидува придржување кон строги протоколи за работа за заштита на здравјето и на пациентите и на персоналот.

– Ковид центарот кој го отворивме во делот на Трауматологија е со посебни влезови за пациенти кои се позитивни, како и посебен влез за хируршки пациенти кои поминуваат низ Ургентен центар, така што имаме црвена, жолта и зелена зона. Тоа е организирано на секое ниво, лична заштитна опрема имаме доволно, лекови исто така, а имаме и одлична соработка со Министерството за здравство, вели д-р Трајановски додавајќи дека очекува со вакцинацијата и придржувањето кон мерките да се намали притисокот врз здравствените установи и постепено да тие да се враќаат во функција на пациентите кои имаат други патологии.

-Моментално целиот здравствен систем и неговите ресурси се ставени на располагање на пациентите болни од Ковид 19, што е случај со нашиот здравствен систем, а верувам и во другите држави. Исправени сме пред еден голем предизвик и засега никој не може да каже колку ќе трае оваа пандемија. Мислам дека главниот услов за да се стави крај на оваа пандемија се мерките препорачани од СЗО и Министерството за здравство, како и вакцинацијата, дециден е д-р Трајановски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот