ВИДЕО | Костадин Шурбановски-Шурбе: За секој човек во публиката се бориме како да ни е дете

Костадин Шурбевски - Шурбе / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Скопје деновиве е домаќин на големи светски музички имиња, кои ќе го претстават својот музички израз пред публиката во рамките на 22. издание на традиционалниот „Оф-фест“, кој се одржува од 7 до 10 јуни во Националната опера и балет и во МКЦ.

По тој повод гостин во „Утрински печат“ беше организаторот на фестивалот, музички рецензент, критичар и промотор Костадин Шурбановски-Шурбе, со кого разговаравме за годинешниот „Оф-фест“ и за значењето на ваквите настани кај нас.

„Практично сите гости на фестивалот се за првпат кај нас, што не говори убаво за нашиот концертен живот во градов и во државата, меѓутоа што е тука е, ние сме горди дека секогаш премиерно претставуваме имиња на Оф-фест.

Така ќе биде и оваа година, по отворањето со големата фадо-пејачка Мизија, која беше едно камче во мозаикот кој ни недостасуваше сите овие години, програмата ќе продолжи со настапите на естонската фолк-самовила Мари Калкун со својот чуден традиционален инструмент и неповторлив вокал.

Истата вечер, свој концерт ќе има нашата Зарина Првасевда заедно со својот бенд, а ќе го претстават новиот албум. В петок имаме повторно два концерти, дуото Џастин Адамс и Мауро Дуранте и нашиот њујорчанец Крсте Роџевски, љубеникот на македонската публика.

Последната вечер ќе се одржи во МКЦ, најпрво со документарниот филм посветен на двојката Ирена и Војтех Хавлови, кои веднаш по документарецот ќе настапат во живо во кино „Фросина“.

И затворањето на фестивалот оваа година ќе биде во Дансинг салата во МКЦ, со мароканско-француската комбинација „Баб л‘ блуз“, еден од највозбудливите ворлд-мјузик бендови во светот, и деветчлениот оркестар на легендарното име на конгоанската румба, гитаристот Дизи Манџеку & Одемба ок ол-старс“, вели Шурбе за годинешната богата програма на „Оф-фест“.

Да се организира ваков тип фестивал кај нас е многу комплициран и тежок процес, вели Шурбе, но сепак задоволството кај публиката по концертите е она што го движи напред.

„Има многу работи што се повеќе мачни отколку што се убави, особено кога организираш концерт во Македонија, меѓутоа јас секогаш сакам да се осврнувам на убавите нешта.

Најмногу ме трогнува кога ќе го слушнам аплаузот, стоечките овации на публиката на крајот на концертот, тоа ме исполнува и ми укажува на некој начин дека тоа што го работам има смисла.

Бидејќи во денешно време многу луѓе се прашуваат „Има ли смисла ова што го работам“, особено ние во културата си го поставувавме многу често тоа прашање“, вели Шурбе.

За новата публика и интересот кај младите за ваков тип фестивали, Шурбе вели дека секоја година е предизвик да привлечат нови, млади луѓе што ќе станат вљубеници во добриот квалитетен звук.

„Навистина се трудиме да изградиме и формираме нова публика бидејќи полека старата публика си заминува. Со младата публика имаме еден мал проблем, и тоа особено оној дел од луѓето што го сметаме близок до нас, се иселува.

Остануваат партиските војници, кои не се многу заинтересирани за културни настани, особено од ваков тип, меѓутоа, борбата продолжува, не се откажуваме и за секој човек во публиката се бориме како да ни е дете“, вели Шурбе.

Остатокот од разговорот со Шурбе можете да го погледнете на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот