Евакуација на Мариупол / Фото: EPA-EFE/MIKHAIL PALINCHAK

ВО ЖИВО | Украина, од минута во минута: Кулеба: Русија загуби 10.000 војници

23.55ч. Кулеба: Русија загуби 10.000 војници

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска го повтори тврдењето на претседателот Владимир Зеленски дека Русија загубила повеќе од 10.000 војници.

Во видео пораката што ја објави украинската влада, Кулеба рече дека Русите изгубиле десетици авиони и стотици оклопни возила.

Руски жртви во инвазијата на Украина/Фото: EPA-EFE/SERGEY KOZLOV

Според АП, Кулеба не можел да ги потврди тие тврдења бидејќи руската армија редовно не дава информации за своите жртви.

„Украина крвари, но Украина не падна и стои (со) двете нозе на земја“, рече Кулеба.

23.30ч. Град близу Киев е речиси целосно уништен, тврди регионален гувернер

Градот Бородјанка, близу Киев, речиси целосно е униптен, изјави вечерва регионалниот гувернер Олексиј Кулеба.

– Таму нема вода ни струја… Нема Бородјанка. Речиси е целосно уништен. Центарот на градот е едноставно ужасен. Бородјанка е под влијание на руските војници; тие ја контролираат оваа населба, рече Кулеба.

22.55ч. Путин потпиша нов декрет: Се прават списоци на непријателските земји кон Русија

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се бара од руската влада во следните два дена да состави список на земји кои преземаат „непријателски акции“ против Русија, соопшти прес-службата на Кремљ.

Овие „непријателски акции“ вклучуваат воведување санкции за Русија и нејзините компании и луѓе.

Според Кремљ, влезот во Русија ќе биде поедноставен за странците и лицата без државјанство од Луганск и Доњецк.

21.25ч. Фон дер Лајен: ЕУ мора целосно да се ослободи од зависноста од Русија

Европската унија мора целосно да се ослободи од зависноста од Русија за гас, нафта и јаглен преку диверзификација, енергетска ефикасност и енергетска транзиција. Ова го изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Мадрид.

– Енергијата останува едно од критичните прашања. ЕУ мора да се ослободи од зависноста од руската нафта, гас и јаглен. За да го направиме ова, треба да ги диверзифицираме набавките, да постигнеме подобри резултати во енергетската ефикасност и треба многу да инвестираме во обновливите извори на енергија, додаде Фон дер Лајен.

20.55ч. Украина бара нова рунда санкции против Русија

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за време на денешното телевизиско обраќање рече дека неговата земја бара посилни санкции против Русија.

– Тие вклучуваат, меѓу другото, исклучување на руската банка Сбербанк од SWIFT, затворање на европските пристаништа за руските бродови, затворање на пристапот на Русија до криптовалути и престанок на купување руска нафта, рече Кулеба.

Руската нафта „денес мириса на украинска крв”, рече министерот за надворешни работи, додавајќи дека „нејзиното купување е финансирање на руските воени злосторства”.

Тој го повтори повикот на Украина до меѓународните сојузници да го заштитат украинскиот воздушен простор од „недискриминирачкото и варварско бомбардирање од страна на Русите” и да и обезбедат на земјата „борбени авиони и сериозна противвоздушна одбрана, проектили и оружје”.

20.28ч. Франција го осудува „недостигот на хуманост” на Лондон во пречекот на украинските бегалци

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманан денеска го критикуваше „целосно несоодветниот одговор” и „недостигот на хуманост” на Обединетото Кралство кон украинските бегалци вратени во Кале. Тој негодувањето го изрази во писмо до неговата британска колешка Прити Пател, јави дописникот на МИА.

бегалци украина
Похуман третман кон бегалците од Украина/Фото: EPA-EFE/MIGUEL A. LOPES

Во обид да им се придружат на своите семејства преку Каналот, околу 150 Украинци кои бегаат од нивната земја нападната од Русија, во последните денови беа замолени од британските власти да се „свртат” и „да отидат во Париз или Брисел” за да ги добијат своите визи, вели во своето писмо францускиот министер.

20.02ч. Руски владин авион упатен кон САД за да ги врати руските дипломати во нивната земја

Рускиот владин авион кој се движи од Санкт Петербург кон Вашингтон, ќе ги врати руските дипломати назад во нивната земја, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на нејзиниот канал на Телеграм.

Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

– Овој авион ќе ги врати во нивната татковина, руските дипломати, кои американската влада ги прогласи за персона нон грата, додаде Захарова, без да прецизира кога точно тоа ќе се случи.

Владата на САД одобри чартер лет на руската влада за да го олесни заминувањето на рускиот персонал од Мисијата на Обединетите нации кои беа протерани поради злоупотреба на нивните привилегии на престој, пренесува Си-Ен-Ен.

– Овој посебен исклучок беше направен во согласност со федералните регулативи за да се обезбеди дека персоналот на руската мисија и нивните семејства ќе заминат до датумот што го наложивме, рече портпаролот на Стејт департментот.

19.35ч. Радио Франс ја прекинува дописничката работа на своите новинари во Русија

Јавната радио група Радио Франција објави дека ја прекинува кореспонденцијата на своите новинари во Русија, по усвојувањето на рускиот закон кој предвидува затворска казна за објавување „лажни информации” за војната во Украина, според критериумите. на руските власти, јави дописникот на МИА.

Групата, која има седум национални канали, вклучително и Франс Интер и ФрансИнфо, побара правна експертиза за да утврди дали рускиот закон важи за странските новинари. Исто така, побара мислење од Европската радиодифузна унија (ЕБУ), голема алијанса на медиумите на јавниот сервис. Во очекување на овие заклучоци, кореспонденцијата на нејзините новинари во Русија е прекината.

19.30ч. Си-Ен-Ен: Заврши средбата меѓу Путин и Бенет

Средбата на израелскиот премиер Нафтали Бенет со рускиот претседател Владимир Путин во Москва по три часа, заврши, јави Си-Ен-Ен.

Според дописничката на Си-Ен-Ен од Ерусалим, канцеларијата на израелскиот премиер соопштила дека средбата се одржува во координација и благослов од САД.

18.46ч. Министерството за транспорт се согласи да не дозволи руски бродови во Бугарија

Бугарското Министерство за транспорт се согласи да ги затвори бугарските пристаништа за руските бродови во Црното Море. Ова за БНТ го соопшти министерот за транспорт Николај Сабев. Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Сабев, Бугарија има национален интерес да запре војната во Украина.

Тој рече дека ова во моментов се координира со министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска која е во Европската комисија во Брисел. Бугарија сака ова да се координира во рамките на ЕК. Според министерот за транспорт, ЕУ успеала да изгради ефикасна економска блокада за да ја запре војната во Украина.

Сабев рече дека руска авиокомпанија пред неколку дена добила дозвола од бугарските власти да изврши хуманитарен лет и да ги земе Русите кои биле на зимски одмор. Од 180-те граѓани кои Москва ги побарала да бидат превезени во Русија, во авионот се качиле само 70 нејзини граѓани, а останатите ја претпочитале Бугарија.

18.28ч. Зум-средба на Зеленски со американските сенатори

Володимир Зеленски, претседателот на Украина, имаше едночасовна видео-средб а со американските сенатори, при што повика на поголема поддршка за одбрана на неговата земја од руската инвазија, јави Гардијан.

Сите 100 американски сенатори беа поканети на повикот на Зум, а помошниците потоа ги брифираа новинарите дека Зеленски побарал испорака на повеќе авиони и беспилотни летала. Џејмс Ланкфорд, републикански сенатор, твитна дека украинскиот претседател исто така сака „светот да престане да купува руски производи (како нафта и гас).

Зеленски упати „очајна молба” за Источна Европа да обезбеди за Украина авиони од руско производство, според лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер. – Овие авиони се многу потребни. И ќе направам се што можам за да и помогнам на администрацијата да го олесни нивниот трансфер, рече Шумер во изјавата.

17.44ч. Трета рунда преговори за ден-два

Третата рунда руско-украински преговори треба да се одржи во рок од ден-два, изјави денеска советникот на кабинетот на украинскиот претседател Михаил Подољак за украинскиот портал Страна.

– Меѓу другото, следиме како почнуваат да функционираат хуманитарните коридори за да се направат корекции, доколку е потребно, во рамките на преговарачкиот процес – рече Подољак.

17.37ч. Русите зазедоа психијатриската болница

Руските сили ја окупираа психијатриската болница со 670 луѓе во градот Бородјанка во украинската Киевска област, изјави регионалниот гувернер Алексеј Кулеба.

„Не разбрав како да ги евакуирам тие луѓе, како да им помогнам, им снемува вода и лекови. Тоа се луѓе со одредени посебни потреби, им треба постојана помош… многу од нив се заглавени во кревет со години, “, рече Кулеба.

Бородјанка е на околу 60 километри од Киев.

17.24ч. Кулеба ги поздрави антивоените протести против руската окупација во Херсон и Бердјанск

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер објави видео од два града во Украина – Бердјанск и Херсон – на кои се прикажани протести против руската окупација.

 

17.00ч. Блинкен вети американска помош од 2,75 милијарди долари за хуманитарните служби во Украина

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во полскиот град Жешов, најави дополнителна помош за Украина, Полска и земјите каде бегалците од Украина бараат спас од војната. Помошта ќе биде во вредност од 2,75 милијарди долари, која американскиот претседател Џо Бајден веќе ја побара од Конгресот.

Блинкен и министерот за надворешни работи Збигњев Рау/Фото: EPA-EFE/DAREK DELMANOWICZ POLAND OUT

– Полјаците знаат колку е важна одбраната на слободата, така што ќе работиме заедно за да и помогнеме на Украина да се спротивстави на нелегалната, неиспровоцирана и однапред обмислена инвазија, рече Блинкен по разговорите со полскиот премиер Матеуш Моравјецки и министерот за надворешни работи Збигњев Рау.

16.45ч. ОХЦХР: Од почетокот на руската инвазија убиени 351 цивил, реално има многу повеќе

Бројот на цивили убиени во Украина од почетокот на руската инвазија пред 10 дена достигна најмалку 351, додека 707 се ранети, се вели во соопштението на набљудувачката мисија на ОН. Реалните бројки веројатно ќе бидат „значително повисоки”, пренесува Гардијан.

Ескалира ситуацијата во Украина по руската агресија/Фото: EPA-EFE/ALISA YAKUBOVYCH

Повеќето цивилни жртви беа предизвикани од експлозивно оружје со широка област на удар, вклучително и гранатирање од тешка артилерија и мултилансирни ракетни системи, како и од ракетни и воздушни напади, изјавија набљудувачи од Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ОХЦХР).

„ОХЦХР верува дека реалните бројки се значително повисоки, особено на територијата контролирана од владата, а особено во последните денови, бидејќи добивањето информации од некои локации каде што се водеа интензивни непријателства беше одложено и многу извештаи сè уште чекаат потврда”, се наведува во соопштението.

16.54ч. Градоначалникот на Херсон: Немаме повеќе оружје

Градоначалникот на Керсон, Игор Кољаев, изјави за Си-Ен-Ен дека градот повеќе нема оружје за да им се спротивстави на руските сили кои го опколија градот.

– Жителите на Херсон се невооружени. Немаме повеќе оружје за да се спротивставиме, да пружиме вооружен отпор. Немаме војска во градот. Армијата е поразена. Украинската армија мораше да се повлече, нема оружје. Се повлекоа кон Николајев – рече тој.

16.26ч. ВИДЕО: Снимка од уништената Бела црква

„Гардијан“ објави видеа направени по рускиот воздушен напад врз Бела Црква, најголемиот град во регионот на Киев, на 60 километри од главниот град.

16.05ч. Руската компанија „Аерофлот” од 8 март ги прекинува летовите во странство, освен во Белорусија

Водечката руска авиокомпанија Аерофлот ќе ги прекине сите летови во странство од 8 март, освен оние за Белорусија, објави денеска новинската агенција ТАСС.

Руската државна агенција за авијација денеска препорача руските авиокомпании кои изнајмиле странски авиони да ги прекинат патничките и карго летовите во странство од 6 март и од странство кон Русија од 8 март.

Оваа препорака е последица на проценките дека нивните авиони може да бидат запленети или блокирани во странство.

15.35ч. Ситуацијата во Мариупол очајна: Нема вода, луѓето го топат снегот

Официјален претставник на хуманитарната организација Лекари без граници ја опиша ситуацијата во опколениот Мариупол.

– Синоќа гранатирањето беше се поблиску. Синоќа собравме снег и дожд за да имаме вода. Се обидовме да стигнеме до водата што ја делат властите, но нарачката беше огромна – напиша тој.

– Во гранатирањето уништени се неколку продавници, се што останало во нив е одземено од очајни луѓе. Сè уште нема струја, вода, парно и сигнали за мобилни Аптеките се без лекови – пишува во соопштението.

 

15.28ч.ВИДЕО: Илјадници луѓе излегоа на улиците на Запорожје

Според „Гардијан“, илјадници луѓе се собрале во градот Запорожје, на југоистокот на Украина, за да се приклучат на силите за територијална одбрана против Русија.

 

15.00 ч. Украинска Правда: Украинскиот преговарач убиен во Киев, осомничен дека издавал тајни информации на Русија

Според украинската Правда, Денис Кирејев бил убиен во Киев, додека украинските безбедносни сили се обиделе да уапсат поради сомневањето за предавство.

13.40 ч. Лавров: Зеленски сака судир меѓу НАТО и Русија

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, сака да предизвика конфликт меѓу Русија и НАТО, оцени денеска шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

 

Ако Зеленски е толку вознемирен поради немешањето на НАТО во конфликтот, тоа значи дека тој смета токму на НАТО во решавање на ситуацијата, рече Лавров.

 

13.20 ч. Борел се залага Кина да посредува во војната во Украина

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, се залага Кина да се вклучи во посредувањето во руската војна против Украина.

„Нема друга алтернатива. Ние Европејците не можеме да бидеме посредници, јасно е… Ниту САД тоа го можат. Па кој друг? Тоа мора да биде Кина, јас верувам во тоа”, рече Борел во интервју за шпанскиот весник „Ел Мундо”.

Борел, кој е Шпанец, меѓутоа призна дека завојуваните страни и нивните поддржувачи немаат цврсти планови за надворешното посредување од Кина.

13.00 ч. УНХЦР: Бројот на украински бегалци до крајот на викендов може да се зголеми до 1,5 милиона

Ситуацијата во Украина и натаму е страшна и бројот на бегалци кои бегаат од руската инвазија до крајот на викендот потенцијално може да се зголеми на 1,5 милиона од сегашните 1,3 милиони, изјави денеска шефот на Агенцијата за бегалци на ОН, Филипо Гранди, пренесен од британските медиуми.

-Ова е најбрзо движечка бегалска криза што сме ја виделе во Европа од крајот на Втората светска војна, изјави шефот на УНХЦР во телефонско интервју за Ројтерс.

12.30 ч. Мариупол: Прекината е евакуацијата, полицијата со мегафони го предупредува населението

Градскиот совет на Мариупол соопшти дека полицијата со мегафони и звучници ги информира граѓаните за одложување на евакуацијата.

Во соопштението се наведува дека во тек се преговори со руската страна за повторно воспоставување на примирје и обезбедување безбеден хуманитарен коридор од градот.

12.05 ч. Александар од Мариупол: Нѐ гранатираат на секои пет минути, нема бегање од тука

Жител на Мариупол за Би-Би-Си изјави дека гранатирањето на градот продолжува и покрај договорот за привремен прекин на огнот, кој требаше да стапи на сила утринава во 10 часот по хрватско време.

-Моментално сум во Мариупол, на улица сум. Слушам гранати на секои три до пет минути, изјави за Би-Би-Си Александар, 44-годишен инженер.

-Хуманитарниот коридор е глупост. Гледам автомобили полни со луѓе кои се обидуваат да избегаат, а сега се враќаат, рече тој.

11.45 ч. Градоначалникот на Мариупол: Русите пукаат, цивилите не можат да се евакуираат

Би-би-си јавува дека добиваат извештаи дека не се почитува прекинот на огнот на крајот од евакуацијата на рутата од Мариупол. Сега се огласи и заменик-градоначалникот на тој град, Серхиј Орлов, кој рече дека Русите продолжуваат да го напаѓаат градот.

-Русите продолжуваат да не бомбардираат, користат артилерија. Ова е лудило, рече Орлов.

-Нема прекин на огнот во Мариупол и нема прекин на огнот долж рутата за евакуација. Нашите цивили се подготвени да бегаат, но не можат да избегаат додека продолжува гранатирањето, рече Орлов.

11.25 ч. Зеленски: Сигурен сум дека наскоро ќе можам да им кажам на нашите луѓе – вратете се дома

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во нова видео порака до Украинците утринава кажа  дека жените и децата од Украина кои се евакуирани во Европа се третираат достоинствено, а на границата нема хуманитарна криза, пренесе Укринформ.

-Успеавме да спречиме хуманитарна криза на границата. Успеавме да ја организираме ситуацијата така што илјадници Украинки и деца беа третирани достоинствено. Никој не прашува која е нивната националност, каква вера, колку пари имаат. Всушност, ние веќе немаме граница со пријателска Полска, бидејќи сме на страната на доброто, немаме граници, рече Зеленски.

Тој, истовремено, изрази надеж дека наскоро сите Украинци кои ја напуштиле земјата поради војната ќе можат да се вратат дома.

-Сигурен сум дека наскоро ќе можеме да му кажеме на нашиот народ: вратете се! Вратете се од Полска, Романија, Словачка и сите други пријателски земји. Вратете се, бидејќи нема повеќе закана, рече Зеленски.

11.10 ч. Радијацијата околу нуклеарката Запорожје е нормална

11.00 ч. Започна евакуацијата на Мариупол, градоначалникот вели: Може да извлечеме само 9.000 луѓе

Евакуацијата на градот требаше да започне во Мариупол околу 10 часот по средноевропско време, судејќи според временската рамка што ја објавија градските власти.

Поставени се автобуси за транспорт на цивили на безбедни три локации во градот, јавува Би-Би-Си. На цивилите им било кажано дека можат да користат и сопствени транспортни средства, но мораат да возат по однапред одредена рута. Евакуацијата треба да трае до 15 часот по средноевропско време.

Заменик-градоначалникот на Мариупол Серхиј Орлов за Би-Би-Си изјави дека преговорите за привремен прекин на огнот за евакуација на цивилите од Мариупол траеле цела ноќ.

-Договорот беше постигнат пред неколку часа. Веднаш беше објавено и потврдивме дека прекинот на огнот започнува во 9 часот по локално време, рече тој.

-Веднаш ги започнавме сите процедури за да се обидеме да ги извлечеме луѓето. Организиравме 50 автобуси, мислиме дека може да се превезат 5-6 илјади луѓе до Запорожје. Луѓето можат да одат со свои автомобили. Мислиме дека ако се почитува примирјето, 7-9 илјади луѓе можат да избегаат од градот, рече тој.

10.45 ч. Масовен мирен собир на „Плоштадот на слободата“ во Херсон

Масовен мирен собир почна на Плоштадот на слободата, во центарот на градот Херсон, во близина на зградата на регионалната државна администрација заземена од руските воени сили, јави Укринформ.

Дементиј Били, шеф на регионалниот огранок на Комитетот на гласачи на Украина, објави видео од митингот на Фејсбук.

Од снимката се гледа дека плоштадот е целосно исполнет со жители на Керсон кои држат украински знамиња и извикуваат „Херсон е Украина!“.

10.20 ч. Зеленски: Ако Украина падне, Европа ќе падне

Митинзи против руската агресија се одржаа во Европа на деветтиот ден од инвазијата на Украина и се подготвуваат нови особено на 12 март организирани од Eurocities, но руските власти официјално ги забранија протестите во Москва.

Синоќа десетици илјади луѓе на улиците на Прага повикаа на мир и изразија противење на руската инвазија, а помали собири беа одржани и во други чешки градови. Прашките демонстранти носеа украински жолти и сини знамиња и се собраа на централниот плоштад на Вацлавскиот плоштад.

„Ако Украина падне, Европа ќе падне“, им порача украинскиот претседател во видео порака. Меѓу говорниците беа актери и поранешни дисиденти.

Католичкиот свештеник и добитник на наградата Темплтон, Томас Халик, рече дека Зеленски ја заслужува овогодинешната Нобелова награда.

Халик потсети на инвазијата на Чехословачка од Варшавскиот пакт во август 1968 година, велејќи дека советската окупација последователно предизвикала културна и морална девастација.

Зеленски им се обрати и на демонстрантите во германскиот град Франкфурт, меѓу другите европски градови. Полицијата соопшти дека во Франкфурт се собрале околу 2.000 луѓе. Многумина носеа украински знамиња или беа облечени во украински национални бои, жолта и сина.

Низ Европа се организираат нови собири додека градовите планираат заеднички момент на солидарност со граѓаните на Украина.

Сите европски градови и нивните градоначалници се поканети да ја покажат својата поддршка за источноевропската земја на 12 март со настани пред нивните градски простории, соопшти организаторот на Eurocities.

„Предлагам да го поканиме локалното население, особено нашата украинска и руска заедница, да се поврзат и да изразат единство пред или околу нашите градски сали“, рече Дарио Нардела, градоначалник на Фиренца и претседател на мрежа од повеќе од 200 европски градови. во 38 земји..

Градовите како Болоња, Милано и Рим во Италија, Марсеј и Ница во Франција и Ротердам во Холандија веќе потврдија дека солидарноста ќе биде изразена на овој начин, се вели во соопштението. Украинските градови Киев, Харков, Лавов и Одеса се исто така членови на Eurocities.

Меѓутоа, властите во Москва ги отфрлија барањата за одржување протести против противниците на руската инвазија на Украина, како и приврзаниците на руските воени сили и нивното одбивање го оправдаа со пандемија на коронавирус, се вели во соопштението.

10.00 ч. Британско МО: Русите целосно опколија четири украински градови

Во последните 24 часа има помалку воздушни и артилериски напади на руската војска отколку во работните денови, но Русите сè уште „веројатно напредуваат“ кон пристаништето Миколаев, според најновата разузнавачка проценка на британското Министерство за одбрана.

Но, постои „реална можност“ дел од руските сили да го заобиколат Миколаев за да продолжат да напредуваат кон Одеса, друго важно украинско пристаниште.

Според проценката, Украина сè уште има контрола над Харков, Чернихив и Мариупол, а извештаите за улични борби доаѓаат од североисточниот град Суми.

„Многу е веројатно руските сили целосно да ги опколија сите четири градови“, соопшти британското Министерство за одбрана.

09.30 ч. ВИДЕО: Британски новинар ранет во близина на Киев

Главниот дописник на британски „Скај њуз“ од украинската криза, Стјуарт Ремзи, бил застрелан во долниот дел на грбот додека во понеделникот било пукано врз автомобилот што ја превезувал неговата екипа во Киев.

Во нападот , исто така, бил погоден и снимателот Ричи Моклер, но двата куршума завршиле во неговиот заштитен елек,  пред тимот да успее да избега и да се засолни.

Целата екипа подоцна била спасена од украинската полиција.

Во екипата на „Скај Њуз“ се наоѓале и Доминке ван Херден и Мартин Воулс, како и локалниот продуцент Андриј Литвиненко.

Шокантната снимка од инцидентот синоќа беше прикажана на „Скај Њуз” и на неа се гледа како новинарската екипа се наоѓа под силен оган додека стакло прска околу нив.

Се претпоставува дека нападот го извршиле диверзанти на руското извидување.

Во писмениот извештај за заседата, Ремзи наведува дека неговата екипа се упатувала кон градот Буча, каде што имале намера да дознаат повеќе за уништувањето на рускиот конвој од страна на украинската армија претходниот ден.

Ремзи наведува дека екипата мислела дека украинскиот воен контролен пункт може да биде одговорен за пукањето, но нивните панични обиди да објаснат дека се новинари не го одвратиле напаѓачот да отвори оган.

-Се сеќавам дека се прашував дали мојата смрт ќе биде болна, рече тој.

Некои членови на тимот успеале да побегнат, но Ремзи бил погоден со куршум во долниот дел на грбот.

Тимот на крајот стигнал до една фабрика, каде се засолниле.

Тимот на „Скај Њуз”, во меѓувреме се вратил во Обединетото кралство, а Литвиненко останал во Украина со своето семејство.

-Имавме многу среќа, додаде Ремзи на крајот од прилогот.

09.05 ч. Привремен прекин на огнот во Мариупол и Волноваха за отворање хуманитарен коридор

Руските сили денеска во 10 часот по московско време ќе го прекинат огнот за да овозможат хуманитарни коридори од украинските градови Мариупол и Волноваха, соопшти руското Министерство за одбрана.

Русија и Украина на разговорите во четвртокот се согласија дека треба да се воспостават хуманитарни коридори и прекин на огнот.

Мариупол, стратешко пристаниште во источна Украина, е под опсада и блокада и трпи немилосрдни напади од руските сили, изјави денеска градоначалникот на овој приморски град, Вадим Боиченко, на десеттиот ден од руската инвазија.

Во градот нема струја и вода, а властите велат дека не можат да ги евакуираат ранетите, а ситуацијата многумина ја споредуваат со опсадата на Ленинград во Втората светска војна.

08.50 ч. Амбасадата на САД во Киев смета дека нападот врз нуклеарната централа во Запорожје е воено злостоство

Рускиот напад врз украинската нуклеарна централа во Запорожје, најголемата во Европа и преземањето на контролата врз неа од руските сили, за американската Амбасада во Киев претставува воено злосторство.

Британските медиуми наведуваат дека Амбасадата на САД  во објава на Твитер даде досега најостра осуда на нападот од која било друга американска оценка на руските акции во Украина.

„Нападот врз нуклеарната централа е воено злосторство. Гранатирањето на Путин кон најголемата нуклеарна централа во Европа неговото владеење со терор го насочува уште еден чекор понатаму”, се наведува во соопштението на американската Амбасада во Киев.

Руските сили вчера утро ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје, по тешките борби во југоисточна Украина, што предизвика меѓународна загриженост и тревога, иако пожарот во зградата за обука беше изгаснат, а официјалните лица потврдија дека објектот е безбеден.

Руското Министерство за одбрана за пожарот во нуклеарната централата го обвини „монструозниот напад” на украинските диверзанти и притоа соопшти дека руските сили ја презеле целосната контрола врз комплексот.

Американскиот претседател Џо Бајден престана да ги нарекува руските акции „воени злосторства”, велејќи дека е „прерано да се каже такво нешто”, а портпаролот на Пентагон Џон Кирби вчера одби да одговори на директно прашање, велејќи дека „ќе ја остави работата на Меѓународниот кривичен суд”.

08.45 ч. Путин до Шолц: Викендов ќе се одржи третата рунда разговори меѓу Русија и Украина

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц му кажал дека викендов ќе се одржи третата рунда од разговорите меѓу делегациите на Русија и Украина , пренесе Укринформ, повикувајќи се на германската Влада.

Разговорот меѓу двајцата траел еден час.

Канцеларот Шолц го повикал руското раководство веднаш да ги прекине сите непријателства и да обезбеди хуманитарен пристап до областите погодени од војната.

ДПА наведува дека Путин во текот на разговорот кажал дека е подготвен да разговара за начините за ставање крај на руската инвазија врз Украина, но само доколку се исполнат условите што ги постави на почетокот на конфликтот.

07.50 ч. Џонсон смета дека Путин сака да ја засили својата инвазија врз Украина

Британскиот премиер Борис Џонсон смета дека Владимир Путин има намера да „двојно да ја засили“ својата инвазија врз Украина, бидејќи не гледа опција за излез од неа, туку има намера „да продолжи со уништувањето”.

Џонсон во интервју за „Ла Република“, „Ди Велт“ и „Ел Паис“, опиша дека среде ноќ бил разбуден за веста за руското гранатирање на украинската нуклеарна централа Запорожје, соопштувајќи дека од таквиот напад „подеднакво е загрозена” и европската безбедност.

-Нашата безбедност е подеднакво вклучена, подеднакво загрозена од таквиот напад. Се сеќаваме што се случи со Чернобил. Радиоактивните облаци се проширија низ континентот, и колку што се сеќавам, во Северна Америка, рече Џонсон.

„Очигледно е дека постои ризик. Загрижен сум како ќе ја запреме катастрофата. Има и други украински капацитети и секако има и други украински радиоактивни складишта на нуклеарен отпад”, кажа Џонсон, додавајќи дека треба да се размисли како да се работи заедно за да се спречи таква катастрофа.

-Ми се чини дека Владимир Путин одлучил, и јасно е од тоа што се случува, дека решил двојно да го засили (уништувањето). Тој не гледа излез од ќорсокакот во кој се наоѓа, освен на начин што продолжува да го уништува недолжното население во недолжните европски градови, рече тој.

„Не смееме да го прифатиме наративот на Владимир Путин дека тоа е негова борба против НАТО или Западот”, заклучи тој.

07.25 ч. Блинкeн за Би-Би-Си: Украина може да ја победи Русија

Американскиот државен секретар Антони Блинкен за Би-Би-Си кажа дека е убеден дека Украина може да победи во војната против Русија.

Тој не можеше да процени колку долго конфликтот би можел да трае, но инсистираше на тоа дека поразот на Русија е можен.

-Оваа издржливост на украинскиот народ е неверојатна. Ако Москва се обиде да ја собори украинската Влада и да воспостави марионетски режим, 45 милиони Украинци ќе го одбијат тоа на овој или оној начин. Текот на нападот досега не се одвиваше како што Путин планираше, рече Блинкен.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот