ВИДЕО | Јакшиќ: Србија апсолутно е во медиумски мрак, но ефектите од протестот на Н1 и Нова С се ограничени

Бошко Јакшиќ/Фото: Слободен печат

Независните српски телевизии Н1 и Нова С по 24 часа протест со прекунување на сигналот во етер го продолжија емитувањето на програмата. Пораката што ја испратија е јасна, „Мрак во Србија, без слободни медиуми“, но ефектот од протестот е многу мал, зошто тоа се кабловски телевизии кои имаа помал број на гледачи.

-Дека постои мрак знаат само оние кои имале можност да ги гледаат телевизиите Н1 и Нова С, останатите ниту знаат ниту многу се потресуваат. Власта нема да се исплаши од мракот зошто таа и го прави. Многу се лимитирани ефектите од еден таков протест но без оглед на тоа сепак може да се заклучи дека тоа беше едно опоменувачко сведочење дека во Србија не постои еден разумен проток на информации и мислења каков што би требало да и доликува на земја која сака да им се приклучи на демократските земји во Европската унија, изјави во емисијата „Утрински печат“ српскиот новинар Бошко Јакшиќ.

Тој потсети дека овие две телевизии и претходно ја прекинувале програмата но само на 5 минути, и тоа во 5 до 12 часот на Светскиот ден на слободата на печатот, но ова е првпат прекинот да трае 24 часа,  без образложение, но во истиот период вести можеа да се читаат на порталите на двете телевизии.

-Нема сомнение дека овој протест е оправдан. Србија во извештајот на Репортери без граници за слободата на медиумите за оваа година е најлошо рангирана од сите земји во поранешна Југославија, а во регионот на Западен балкан зад Србија е само Албанија. Значи режимот на Вучиќ успева Србија да ја држи во тој информативен мрак, а дури 60 отсто од граѓаните во Србија се информираат исклучиво преку јавниот сервис, а уште поголема гледаност имаат телевизиите Пинк и Хепи кои секојдневно ја глорифицираат власта, а опозицијата ја претставуваат како крадци, предавници и во тој стил, вели Јакшиќ.

Тој додава дека има 4 телевизии во Србија со национална фрекенција кои се во служба на власта, а се очекува таква да биде и петтата која чека дозвола. Националната концесија ја доделува Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ).

Токму недоделувањето на петтата национална концесија како причина за протестот ја наведува во соопштение тимот на Н1.

-Пред неколку месеци Н1 аплицираше за национална дозвола за емитување, а исходот покажа дека на РЕМ не му е грижа за плурализмот во медиумите или за подобрување на ситуацијата на медиумската сцена. Сега гледаме дека истата ситуација се повторува и затоа Н1 се солидаризира со колегите од телевизијата Нова С, кои се пријавија на конкурсот за петта лиценца… Зошто е можно во Србија да се прекршуваат сите етички и професионални правила, да се промовира говор на омраза и постојано да се прават „црвени линии” вкрстени кога станува збор за содржината прикажана на телевизија, соопштија од Н1.

Од друга страна и новинарите на овие телевизии се жртви на напади, навреди и омаловажување, а според статистиката на НУНС годинава се забележани дури 110 напади врз новинари во Србија, а власта врши притисок и врз огласувачите за да не се рекламираат во овие независни медиуми, членки на групацијата Јунајтед Медиа.

-Кога претседателот на Србија, па членовите на влада, пратениците од владејачката коалиција во сите можни ситуации без престан повторуваат дека телевизиите Н1 и Нова С, се предавнички американски и ЦИА- телевизии тогаш на тој начин се формира и јавното мислење кое е исто така несомнено е еден силен протисок врз независните медиуми. Притисок има и врз огласувачите да не даваат реклами на тие медиуми, па има цела колекција на начини на кои власта ги притиска овие две телевизии за кои може да се каже дека во електронскиот медиумски простор во Србија се единствени на кои може да се слушне критички зборови за однесувањето на власта. Србија апсолутно е во медиумски мрак, вели Јакшиќ.

За ситуацијата со медиумите во Србија  како и за поларизираната медиумска сцена поделена на провладини и независни медиуми, вчера беше известена и Европската унија, но и Советот на Европа каде Стефан Јовановиќ, пратеник на Народната партија, на членовите на Комитетот за култура и медиуми им врачи нон-пејпер во кој се наведува дека целата влада на чело со Александар Вучиќ ја задушува слободата на медиумите во Србија. Во тој документ се споменуваат закани и притисоци врз новинарите, но и намерата на власта преку Телеком да ја ограничи публиката на независните медиуми и евентуално да ги затвори.

Свој коментар вчера даде и портпаролката на Европската Комисија Ана Писонаро која рече дека слободното известување, слободата на медиумите и плурализмот се од големо значење за секое демократско општество.

-Ние сме запознаени со медиумската ситуација во Србија и очекуваме Србија да го имплементира акцискиот план за медиумска стратегија, Очекуваме Србија да создаде опкружување во кое слободата на медиумите ќе биде непречена, рече Писонаро.

Српскиот претседател Вучиќ вчера од Тирана исто така го коментираше протестот на независните медиуми:

-Мислам дека е важно да се каже дека никој не го замрачи известувањето, туку дека тоа самите го направија. Ако тие самите имаат проблем со изразувањето, тоа тогаш е проблем за нив и нивните сопственици. Јас не верувам дека тие се борат за вас доколку имаат проблем со изразувањето, а ако се борат за себе, тогаш тоа е проблем за нив зошто сопственикот не им дозволува на слободен начин да ја изразуваат својата волја. А зошто денес? А вие како да не го знаете тоа? Не можам да ви објаснам колку некој се потресол што медиумскиот и фудбалски тајкун сака уште малку да заработи. Ништо посебно, но сум согласен дека треба да се разговара за тие медиуми каде е евидентна медиумската неслобода и кадешто постојат лоши обиди за имитирање на Мила Штула, како и многу други, одговори Вучиќ.

-Во Брисел со години го толерираат монополот на Вучиќ врз информациите и судејќи по првите рекации од ЕК изгледа дека и таму ништо нема да се промени. Од Брисел не се подготвени поконкретно да ги притиснат властите кои вршат репресија врз медиумите, вели Јакшиќ коментирајќи ја изјавата на Писонаро.

Целиот разговор со него погледнете го во видеото:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот