ВИДЕО ИНТЕРВЈУ| Професор Синиша Наумоски: Економијата е светла точка во Извештајот на Европската комисија
Одредени ризици има за јавниот долг. Наредната година е изборна година и сигурно ќе има поголеми трансфери кон одредени целни групи, па јавниот долг ќе надмине 60 проценти, а во 2025 година ќе се намали. Цените никогаш нема да се вратат на претпандемиското ниво
Монетарниот систем во изминативе 30 години е еден од најстабилните системи, имаме стабилен девизен курс, одлични девизни резерви, комерцијалните банки имаат адекватноста на капитал од 18,2 проценти, што е далеку над бараните 8 проценти. Тоа се фактите што ги зеде предвид и Европската комисија, па економскиот дел може да се каже дека е светла точка во Извештајот за напредокот на земјата, оценува универзитетскиот професор Синиша Наумоски, во интервју за „Слободен печат“ во кое зборувавме за Извештајот и за есенските проекции на Народната банка.
Препорачано
Во однос на поедини делови од Извештајот, Наумовски посебно се осврна на дефицитот во тековната сметка на платниот биланс, кој се стеснува и е 1,2 проценти од БДП поради намалувањето на цената на енергенсите и на храната, но и поради намалениот увоз, но очекува дека наредната година ќе биде 2,4 проценти. Ризик има и во однос на јавниот долг, а Наумоски вели дека тој во процент ќе се намалува, а во апсолутен износ ќе се зголемува.
– Јавниот долг лани надмина 60 проценти и беше над зацртаното во Стратегијата. Но, тоа се случи насекаде во земјите – во Еврозоната и во регионот. Кога има криза, пандемија, мора да се работи со буџетски дефицит, а тоа е ризик за продлабочување на јавниот долг. Дополнително, за раст на буџетскиот дефицит, кај нас влијание има и лошата структурана поставеноста на економијата. Сегашното ниво на нашиот јавен долг е околу 8 милијарди евра, што е 59,7 проценти од БДП и со тоа сме под зададениот лимит од 60 проценти – вели Наумоски.
Но тој нагласува дека очекувањата се дека наредната година, јавниот долг ќе се зголеми над 60 проценти, за да во 2025 година да се стабилизира.
– Наредната година е изборна година и сигурно ќе има поголеми трансфери кон одредени целни групи. Но, во 2025 година би имале стабилизирање на јавниот долг. Стабилизирањето би било само процентуално, додека во апсолутни бројки и понатаму би оделе нагоре – вели Наумоски.
Треба поголемо внатрешно задолжување
Во периодот до 2028 година, треба да се вратат 2,4 милијарди евра врз основа на достасани еврообврзници, и тоа по 500 милиони евра во 2025-та и во 2027 година, и по 700 милиони евра во 2025-та и во 2028 година. Наумовски вели дека ова не треба да ги загрижува граѓаните, затоа што и годинава државата врати 450 милиони евра и досега покажа дека добро го менаџира враќањето на обврските. Но, тој се залага за поголемо внатрешно задолжување, затоа што смета дека „внатрешното задолжување е подобриот механизам за сведување на ризиците на подносливо ниво на јавниот долг“. Всушност, и самиот министер за финансии Фатмир Бесими изјави дека Владата повеќе се свртува кон внатрешното задолжување.
– Во однос на позитивното толкување на економскиот дел од Извештајот, каде што ги вадам клучните елементи каде има ризици би зборувал и за превенирањето од страна на менаџерите на финансиите. Во таа насока важно е развивањето на пазарот на хартии од вредност. Кај нас се промовираа неколку видови нови инструменти, како што е граѓанската обврзница, проектни обврзници и зелени обврзници. Но, според мене, секогаш има простор за поголем развој на пазарот на капитал. Моето мислење е дека овој пазар сè уште не е доволно развиен – вели Наумоски.
Наумовски посебно го истакнува значењето на локалните комунални обврзници и смета дека тие треба да се издаваат и да учествуваат во јакнењето на пазарот на капитал.
Зошто ни се планирани пари во Буџетот, ако не може да ги одработиме
Народната банка предвиде дека бруто општествениот производ ќе се зголеми за 1,9 проценти. Тоа е многу помал раст од оној кога се планираше Буџетот за 2023 година, а кога се предвидоа 2,9 проценти. Во однос на оваа диспропорција Наумовски забележува дека капиталните проекти не се реализираат, па така и со овој намален раст може да се реализираат другите ставки.
– Зошто ни се пари што ги проектираме ако не можеме да ги одработиме. Па ние имаме капитални проекти за кои се потпишани договори пред 10 години, а за кои немате напредок. Најголемата мудрост во однос на буџетот е како да се реализира тоа што е запишано на хартија – вели Наумоски.
Според него, економскиот раст ќе биде и помал од 1,9 проценти, можеби 1,5 проценти.
– Кога имате една политика на рестриктивност во континуитет, заострување на монетарните варијабли и на каматните стапки 14 пати, потоа следејќи ја германската економија која е веќе во рецесија и која за нас е репер со оглед на трговскаста размена, не може да очекувате поголем раст. Наредната година се очекува мало зголемување. Факт е дека растот на трговската размена со Германија значително ни се намалува. Ако 2021 во однос на 2020 година сме имале раст од 30 проценти, растот во 2022 во однос на 2021 година бил 12 проценти, а сега имаме раст од еден до два проценти на годишно ниво. Ако има (а, се гледаат) изгледи на смирување на украинскиот конфликт и ако се очукува дека германската економија ќе ја врати кондицијата што ја имаше пред конфликтот, можеме да очекуваме и зголемување на растот во наредната година – вели Наумоски.
Инфлацијата ќе се намали, но пак ќе има раст на цените
Во октомври годишната инфлација изнесуваше 3,5 проценти, но ако се земе предвид цела 2023 година, тогаш просечната инфлација за 2023 година, според Народната банка ќе биде 9,5 проценти.
– На граѓаните треба отворено да им кажеме дека цените не се враќаат на старото ниво, односно одиме само повисоко. Ние треба да се погрижиме да го намалиме тој раст, да биде според проекциите на Европската централна банка и на земјите од регионот, а според кои се планира сведување на инфлацијата на нормално ниво од 2 проценти – вели Наумоски.
Тој објасни и зошто во минатото имавме повисока инфлација од другите земји.
– Тоа се должи на структурната економија. Затоа, пак, и сега имаме поголем пад на инфлација од 6,6 проценти на годишно ниво во септември, на 3,5 проценти во октомври, што е многу поголем пад отколку во европските земји. Тоа е така затоа што во пондерите на пресметка, учеството на храната и на електричната енергија е дури 50 проценти, па како тие одат надолу, така имаме побрзи позитивни ефекти, но кога одат нагоре, како што беше, ги добивме негативните ефекти. Моите очекувања се дека наредната година просечната инфлацијата ќе биде преполовена, некаде 3,5 до 4 проценти, а на крајот од годината дека ќе стигне некаде околу 2 проценти, додека во 2025 година ќе имаме комплетно стабилизирање на инфлаторна спирала, но пак ќе повторам -цените нема да е намалат на она ниво какви што беа пред пандемијата, тоа треба да го заборавиме – вели Наумоски.


