ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Благоја Марковски: Право и обврска е да се модернизира војската

Низ годините наназад имавме доста стагнирање во смисла на вооружувањето, односно во осовременувањето на армијата и како последица на сето тоа дојдовме во ситуација за определени задачи како внатре за потребите на одбраната на земјата, но така и надвор кон обврските кои ги имаме кон НАТО алијансата да бидеме во состојба да не можеме да одговориме на сите тие. Сето тоа беше отсликување на состојбите во буџетот кој не ги задоволуваше потребите за опременување на армијата и одбраната воопшто. Во тој контекст далеку заостанувавме зад членките на НАТО кои имаат определба во своите воени буџети да учестуваат со 2,2 отсто од БДП-то на државата. Па така за прв пат оваа година ние се приближивме со тој процент и очекувањата се сега дека 2024 година ќе имаме буџет од 2 отсто од БДП, што е согласно стратегискиот преглед каде меѓудругото се третираат и проблемите околу осовременувањето на одбраната, истакна докторот по военополитички науки Благоја Марковски при неговото гостувањето во емисијата „Утрински печат“.
Според Марковски досега македонската армија успешно ги надополнувала своите воени ресурси и техника првенствено преку донациии на опрема од нашите стратешки партнери како САД и Турција.
– Македонската армија досега добиваше донации на средства и опрема од западните партнери кои морам да признам беа до некаде со застарена технологија. Опремата можеше да одговори на потребите на армијата во еден определен временски период, но како минуваа годините нејзината застареност беше зад желбите, позициите но и умеењето на нашите припадници во мировните мисии каде што извршуваа задачи со одлични резултати наспроти застарената техника. Но, еве минатата година започнавме со сериозни размислувања со смисла на осовременување на опремата и вооружувањето на нашата аримија а како резултат на тоа беше потпишан и договорот меѓу двете влади Македонската и на САД за набавка на транспортни возила кои се многу важни во насока на извршување на борбените задачи на единиците на армијата, независно дали станува збор за одбраната на територијата или за некаква намена на единиците кои ги извршуваат мировните задачи при ООН и НАТО алијансата – вели Марковски.
Претседател на Балканскиот форум за безбедност Марковски во разговорот во студиото истакна дека засега МО добро ги спроведува плановите за инвестирање во армијата имајќи го во предвид дека станува збор за скапа работа.
– Дилемата дали ќе треба да се одвојува повеќе средства, односно да се зголемува буџетот за одбраната во однос на другите сфери на живеењето би рекол и пообјаснил дека одбраната е најскапа тогаш кога ја немате. Ова го говорам од искуство бидејќи секогаш потребно е тоа добро да се испланира. Секако во исто време да се води сметка и за развојните програми и за другите сегменти во земјата. Но ние како членка на НАТО добивме безбедност но и истовремено и обврски. Не можеме ние само да бараме безбедност и да се повикуваме на членот 5 од НАТО алијансата за заштита, а истовремено да кажеме дека сме сиромашна држава и не сакаме да учествуваме во никакви мировни мисии ниту да го градиме и помагаме глобалниот мир. За разлика од минатото и кризните ситуации кога баравме помош, сега можам слободно да кажам дека Македонија извезува помош и безбедност – посочи Марковски.
Докторот по военополитички науки се осврна и за најавата за новиот пакет на воена помош на Украина од македонска страна.
– Македонија е членка на НАТО и таа својата безбедност ја развива и гради согласно стратегискиот концепт на Алијансата како засебна држава, но и во рамките на колективниот систем за одбрана и безбедност каков што е НАТО. Со нашето влегување во Алијансата бараше истовремено да се изврши преструктуирање и преосмислување на системот за одбрана. Тоа во пракса значи дека ние не сме сами кои треба да се грижиме за безбедноста на земјата, туку тоа се прави во рамките на НАТО структурите. Во тој контекст немаше потреба ниту да се одржуваат ниту осовременуваат леталата кои АРМ неодамна и ги подари на Украина. Се покажа дека на земјава нема да бидат потребни ниту тенковските единици кои исто така и ги дадовме на Украина, па оттука сакам да истакнам дека воента помош на Киев е сосема оправдана и ниту во еден момент не го нарушува безбедносниот капацитет на армијата – посочи Марковски.
Аналитичарот Благоја Марковски во разговор за Утрински печат говореше и за воените вежби на НАТО во регионот, за хибридните закани, нелегалното оружјекако како и за најновите случувања на фронтот во Украина.
Повеќе од разговорот со Марковски погледнете во видеото во продолжение.