ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ана Дорник: Не беше успех да се победи ракот на дојка, туку самата себе

Ана Дорник - мотивациски говорник / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Српската хуманитарка, активистка и мотивациски говорник Ана Дорник е жена која по битката со ракот на дојка, излегла како победник, и не само тоа, таа својот живот им го посветува на сите жени што ја водат истата борба. Ана е жена што зрачи со својата позитивна аура, жена што своето искуство го става во функција на другите, на кои им треба поддршка не само во борбата со карциномот, туку во животот, воопшто.

Дорник минатата недела беше гостинка на регионалната конференција за жени „Профемина 2023“, која се одржа во Скопје, па нејзината посета на Македонија ја искористи да гостува во утринската емисија „Слободен печат“.

– Мене ми е многу драго што мојот афирмативен пристап кон мојата борба, можам да им го пренесам и на жените тука, во Македонија. Борбата сама по себе не е ни едноставна ни лесна, тоа е еден „ролеркостер“ на емоции, ментална игра, каде што победувате ако успеете да се победите самите себе, а не ракот на дојка. Не беше успех да се победи ракот на дојка, туку самата себе. И тоа е мојата порака до сите жени, какви мисли носиме со себе, така и ќе живееме. Соочувањето со таа болест е момент кога вие всушност умирате, момент кога се прашувате дали ќе преживеете, дали ќе дочекате ново утро и што за вас значи таа болест, ако преживеете. Мојата мајка почина од рак на дојка, додека бев многу млада и таа беше многу млада, а јас пред себе ја имав само сликата на таа жена што почина. Затоа сакав на тие дами што се борат и кои ќе чекорат во моите чевли, да им бидам еден доказ дека ќе преживеат, доказ на една афирмативна борба, бидејќи јас ја немав таа жена пред себе. Јас навистина одев слепа низ улиците на овој живот, сфаќајќи дека на жените што ги запознав на мојот инстаграм-профил им е потребна поддршка и дека е неопходно да се појави некој со ентузијазам, некој кој решил болеста да не го дефинира, туку да му биде чиста инспирација. На тие жени им беше потребно да се појави некој таков, за тие да чекорат по тој пат и јас сум благодарна што сум им мотивација на тие прекрасни жени во Србија и во Македонија – вели Дорник.

Ана Дорник – мотивациски говорник / Фото: „Слободен печат“

Ана е автор е и на книгата автобиографија „Ти си таа“, за која вели дека не е омаж на болеста, туку прирачник за соочување со животните проблеми на жените. Таа се бори за поголема свесност за рана превенција, едукација и поддршка во лекувањето.

– Постојат два клучни моменти во животот, тоа е моментот кога се раѓаме и моментот кога ќе сфатиме зошто сме се родиле. Мојата книга потсетува токму на тоа, зошто секој од нас се родил, со која цел и дека кога ќе ја пронајдеме сопствената цел, вие вашата, јас мојата… тогаш сме се пронашле себе. Тогаш имаме мотивација, причина да се бориме, не да се бориме поради некој друг, туку за себе, а сѐ останато е последица. Значи, мојата книга потсетува на тоа дека треба да ги пронајдеме нашите сопствени вредности и што всушност нѐ прави среќни, бидејќи ако ние сме среќни и нашата околина ќе биде среќна. Ние често се одлучуваме на среќа, поради другите и уште почесто чекаме на таа среќа, мислејќи дека таа сама по себе ќе дојде. Често очекуваме околностите околу нас да се менуваат, а ние да се приспособиме на тие околности, мојата книга потсетува дека секоја промена доаѓа од нас самите, и тогаш кога ние се менуваме, се случува еден навистина волшебен процес – вели Ана.

Дорник има околу 42.000 следбеници на Инстаграм, и како што самата вели, успева да допре до сите оние на кои им треба нејзината поддршка. Иако смета дека во тие тешки моменти поддршката од семејството, на блиските и на околината е важна, сепак, не е клучна. Она што е најважно според неа е прифаќањето и борбата сам со себе.

– Поддршката од околината е многу важна, но не и најважна. Најважно е пациентката сама да ја пронајде силата во себе. Тоа е клучниот момент за оздравување. А како тоа да го пронајдеме? Прво, со тоа што ќе го прифатиме тоа што ни е дадено. Ниче рекол: „Амор фати“ – засакај ја својата судбина! Засакај ги своите искуства, какви и да се. И кога ќе ја прифатиме и ќе ја засакаме и ќе бидеме со тие чувства, односно нема да бегаме од тоа што ни се случило, тогаш можеме да кажеме: „Во ред, имам рак на дојка, што понатаму?“. Моќта на промената лежи во моќта на добри прашања. Кога јас престанав себеси да си го поставувам прашањето „зошто мене ми се случи болеста?“ и почнав да размислувам што можам да направам оваа болест да ме инспирира и на крајот на краиштата, да ми користи, тогаш јас оздравев – изјави Дорник.

Повеќе од разговорот со Ана Дорник, можете да погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот