ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Александар Ацевски и Катерина Ацевска, Македонска џиу џицу федерација: Третото место во Франција е потврда за нашите успеси

Александар Ацевски и Катерина Ацевска, Македонска џиу џицу федерација/ Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Селекторот на Македонската џиу џицу федерација, Александар Ацевски и најдобриот борец во оваа боречка вештина, Катерина Ацевска, во разговор за „Утрински печат“ раскажаа како се одвиваше неодамнешното Европско првенство кое се одржа во Франција, каде младата Катерина оствои бронзен медал, како и за актуелната состојба во федерацијата.

Иако Катерина го загуби првиот натпревар од Италијанката Маца Федерика, таа преку репасаж успеа да дојде до третото место. Како што раскажа таа за „Утрински печат“, поразот во првиот натпревар ѝ послужил како мотивација да продолжи понатаму и да дојде до третото место. За неа, ова првенство е одлично искуство, а со овој голем резултат се потврдува успехот кој Македонија го бележи не само во џиу џицуто, туку и во сите боречки вештини.

За ова говореше и селекторот на Македонската џиу џицу федерација, Александар Ацевски, кој вели дека земјава отсекогаш имала добри борци во сите боречки вештини. Тој вели дека е задоволен што голем број деца сѐ уште одлучуваат да се запишуваат и да учат различни боречки вештини, а успесите на младите борци е одличен пример за следните генерации.

Иако бројот на македонски борци кои професионално се борат во боречките вештини е релативно мал, децата продолжуваат да бележат добри резултати. Ацевски вели дека со џиу џицуто младите можат да научат различни начини на одбрана, кои можат да им помогнат во животот, како и спортски и натпреварувачки дух.

Младата Катерина вели дека уште прв пат кога облекла кимоно, се заљубила тоа како ѝ стои, па решила да се посвети на боречките вештини. Таа во иднина се гледа како тренер по џиу џицу, а нејзина најголема желба е еден ден дете кое таа го тренирала да успее да освои некаков медал на европско или светско натпреварување.

Федерацијата оваа година ја очекуваат уште неколку првенства, за кои Ацевски се надева дека ќе резултираат со нови успеси за Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот