Игор Џамбазов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕО | Игор Џамбазов за најголемата љубов: „Таа ноќ беше како лош филм, надвор врне, а ние плачеме во дачијата на татко ми Џамбаз“

Нашиот познат шоумен и актер Игор Џамбазов во своето ново интервју искрено проговори за емотивните врски, откривајќи дека во неговиот живот имало една жена која ја смета за своја најголема љубов, Тања Кочишка. На прашањето на водителот дали се согласува со тврдењето дека во животот само еднаш се љуби, Игор одговори:

„Не, не е точно тоа. Ако е така … Која е и кога еднаш се љуби? ’Еднаш вистински се љуби‘ е вистинската формулација. А јас сум љубел неколку пати во животот и ми била возвратена љубовта“, одговори Џамбазов.

На прашањето која е вистинската љубов, а кои се „репризите“, тој без двоумење го спомена името на Тања Кочишка.

„Да речеме Тања Кочишка. Тања е жената што најмногу сум ја сакал. Жена во која сум бил вљубен до уши. За жал не е повеќе меѓу нас. Таа архитектура студираше, а живееше на ’Иван Агоски‘ кај полицијата, до Драмски театар. Така што, ќе ми завршеше пробата и одев пред Архитектонски факултет во 12:00, а неа во 15:00 ѝ завршуваше предавањето. И на тие скали тука … имаше една сендвичарница во близина, јади сендвич, пуши на скалите … па отиди од другата страна на ’Партизанска‘, отвори Јане Колож едно кафуле…“

Кога водителот го праша дали тоа значи дека бил љубоморен, Џамбазов појасни:

„Не, не, не бев болно љубоморен. Не, таа беше толку … толку бевме како пар… сè убаво, но беше многу млада и се сеќавам дека кога официјално раскинавме, во дачијата на татко ми Џамбаз, и како на лош филм онака врне, и во дачијата бришачите едвај работат, а ние плачеме двајцата од што се разделуваме. Што вика Балашевиќ: ’Све праве су љубави тужне‘“.

Во јавноста често се зборуваше за неговите врски, вклучително и за Илина, како и за неговата поранешна сопруга Искра, но од неговите зборови станува јасно дека ниту една од тие приказни не ја смета за својата најголема љубов. Таа, како што вели, била Тања Кочишка.

За неа Џамбазов зборуваше и во 2019 година во емисијата „Еден на Еден“, кога откри дека ѝ ја посветил песната „Шал“, напишана во периодот кога ја започнувале врската.

„Има една песна, се вика ’Шал‘. Тоа е песна за една од моите најголеми љубови која пред три години го напушти овој свет… Беше една од најубавите жени што до сега воопшто Скопје ги имало. Песната е направена во време кога таа и јас започнувавме врска. Така некако се испраќавме, и песната се случи во една студена скопска зимска ноќ кога јас и таа во знак на некоја наша иднина си ги разменивме шаловите. Јас ѝ дадов еден машки шал, а таа ми даде еден шарен женски шал што јас, иако беше женски, го носев најмашки на свет. И ете, од таа наша прва средба, стиснати во влезот настана таа песна“, раскажа Џамбазов за својата прва љубов.

Со ова интервју, Џамбазов уште еднаш покажа дека зад неговиот хумор и боемски дух стои една длабока и искрена љубовна приказна која оставила траен белег во неговиот живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот