ВИДЕО | Фирми од Словенија дојдоа во Македонија: „Лов“ на работници со олеснети услови за работна виза

„Живеј и работи во Словенија“ Фото: Методи Здравев

Не почнувајте со работа без дозвола за привремен престој, алармираат од Заводот за вработување на Словенија од каде што ја објаснија процедурата како да се стигне до таа дозвола

Кога пристигнавме во скопскиот хотел „Хилтон“, наидовме на стотина наши сограѓани што се договараа за работа со словенечките работодавачи. Настанот „Живеј и работи во Словенија“ го организираше Амбасадата на Словенија во нашата земја, како и нивниот Завод за вработување, а најмногу се бараа лекари од разни специјалности, медицински сестри, негувателки, возачи и градежни работници.

Работодавачите со кои разговаравме велат дека се задоволни од интересот, а нашите сограѓани се надеваа дека ќе си овозможат подобри услови за живеење.

Фотографија: Методи Здравев

Претставниците на Општата болница Јесенице велат дека на нивниот штанд за два часа застанале десетина квалитетни луѓе што покажале интерес за работа. Оттаму велат дека имаат недостиг од 15 отсто за медицинските сестри.

Во болницата во Марибор недостигаат семејни лекари, гинеколози, спортски доктори…

– Дојдовме да ги наговориме вашите сограѓани, да им кажеме што очекуваме и што нудиме. На почетокот нудиме платен стан, јасно ни е дека е тешко на почеток. За нас е важно не само да бидат добри лекари, туку и да се добри луѓе. Во Словенија платата на почеток на специјализант е 1.300 евра, на крај на специјализацијата е поголема, а кога лекарот ќе специјализира, може да очекува 2.300 евра – изјави д-р Хелена Блажун Вошнер.

Словенечкиот амбасадор Грегор Прескер изјави дека е радосен што виде дека има голем интерес на овој настан и дека е ова втор таков настан што се организира кај нас.

– Го организиравме токму поради големиот интерес што го покажаа македонските државјани. Делуваме институционално за да даваме најдобри и проверени информации за секој што се интересира. Присутни се сериозни фирми од Словенија, кои ќе дадат точни информации за вработувањето. Бараме добар и квалификуван кадар и сигурни сме дека го има во Македонија – рече амбасадорот.

Словенечкиот завод за вработување направи опсежна презентација на тоа како може да се дојде до работа во Словенија. Оттаму посочија и дека годинава дале 3.800 годишни согласности за работа на македонски државјани и дека таа бројка од година в година се зголемува.

– За одредени струки веќе немаме толку работници за вработување. Затоа се одлучивме да се претставиме во сите земји во регионот. Во јуни потпишавме договор со Заводот за вработување на Северна Македонија – рече Анка Роде од Заводот за вработување.

Таа потенцираше дека во Словенија не смее да се почне со работа без картичка за привремен престој во која е наведена и компанијата во која некој ќе работи. Привремениот претстој може да се регулира во надлежните управни единици во Словенија или, пак, преку овдешната амбасада.

– Голем дел од работодавачите имаат кадровска служба што ќе ви ги среди документите. Во Словенија има 58 управни единици и ве советувам кога ќе го наведувате местото на живеење, тоа да биде помало место и таму да го поднесете барањето. Така, документите побрзо ќе ви се средат. Може да работите и во Љубљана, но наведете помало место за престој. Тоа не е прекршок – ги советуваше Роде присутните на презентацијата.

По добивањето дозвола за престој, работникот на работа во Словенија треба да се јави во рок од 15 дена.

Роде објасни дека идните тамошни работници треба да добијат и согласност од Заводот за вработување на Словенија, во која се потврдува дека некој нивен државјанин не чека такво работно место. Сепак, како што вели Роде, и ако некој словенечки државјанин се пријави, тоа не треба да ги обесхрабри Македонците. За дефицитарните занимања во Словенија, како што е лекарската, не се бара ваква согласност од Заводот.

Роде уверува дека и цели семејства е лесно да дојдат и да живеат во Словенија.

– Со измените на Законот за странци, ако сопругот најде работа, сопругата може да дојде за една наместо за две години. Но и тоа не мора да се чека, спојувањето на семејството може да се изврши веднаш ако двајцата истовремено бараат и си најдат работа во Словенија – вели Роде и додаде дека за лекарите и за некои други професии, како и за оние што се високо платени, спојувањето на семејството се врши веднаш.

Заеднички пензиски стаж

Сите што ќе работат во Словенија имаат здравствено осигурување и свој личен лекар, или пак пристап до амбуланта со неопределен лекар, објаснија на презентацијата.
Оттаму рекоа дека идните работници во Словенија треба да знаат дека пензискиот стаж од Македонија ќе им се спои со оној од Словенија, како еден заеднички стаж.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот