ВИДЕО | Ескалираа протестите во Тирана – молотови коктели, огномет, полиција насекаде

Во организација на опозициската Демократска партија вечерва пред владата во Тирана, на плоштадот „Народни херои” се одржа голем национален собир, на кој присуствуваа граѓани од речиси сите делови на земјата. Ситуацијата е тензична и протестите ескалираа. На протестот се обратија пратеници и претставници на опозицијата кои не штедеа обвинувања за Рама и владата, порачувајќи дека „соборувањето на нарко режимот на Рама е должност пред историјата и земјата”.

Сали Бериша се обрати дека целта е да се собори премиерот Еди Рама, кого тој го нарече „главниот крадец на нацијата“ и формирање техничка влада која ќе спроведе слободни избори.

-Ова е ден на храброст, на бунт, на гнев, на граѓанска победа над најголемото зло што ја зафати Албанија, што ја мачи оваа земја од темните денови на диктатурата на Хоџа до денеска. Денеска е ден на граѓанска храброст и одлучност. Ден кога граѓаните и опозицијата го изведоа на суд главниот крадец – премиерот поврзан со бандити, шверцери и убијци. Ова е ден на триумф над злото што ја зафати Албанија, рече меѓу другото Бериша.

-Албанија ќе ја спасиме со револт и само со револт. Заедно сме на километар до триумфот, затоа не запираме, порача Бериша.

По неговото обраќање дел од учесниците се обидоа насилно да влезат во владата, по што почнаа да фрлаат молотови коктели и пиротехнички средства кон владиниот објект, поради што мораше да интервенира и противпожарно возило, а насобраните беа растурени со водени топови и солзавец.

За тоа време Бериша стоеше на подиумот и го вееше националното знаме.

Со изгореници во болница се транспортирани петмина полицајци. Ангажирани за безбедноста беа 1.400 полициски службеници. Влезот и прозорците на владиниот објект беа обезбедени со метални огради.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот