Ван Гог - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

ВИДЕО | Енергија што движи и не застанува: „Ван Гог“ го претстави новиот спот за песната „До последен здив“

Често се прашуваме што е тоа што една песна содржи за да стане хит. Обично се даваат објаснувања дека станува збор за моќен текст, иновативен аранжман итн., но суштината е што нема конкретен одговор на ова прашање. Но, кога ќе слушнете некоја песна што на „прва“ ќе предизвика тапкање со вашата нога или ќе ве зароби со необјасниво внимание, тоа е приближна гаранција дека станува збор за потенцијален хит.

Легендарниот рок-бенд „Ван Гог“ нареднава 2026 година „полни“ 40 години творештво и присуство на сцена. Бендот го започна своето музичко патување во далечната 1986 година и со децении го гради својот автентичен звук. По тој повод, во својот препознатлив, шармантен и мангупски стил, Ѓуле ѝ порача на својата публика:

– Драги пријатели, во 1986 година го започнавме нашето музичко патување. Со песната „Пулсот на срцето“ во 1998 година рековме дека „Ако застанеме, губиме сè“, а во 2026 година, четириесет години подоцна, заедно со вас, продолжуваме да летаме на крилјата на новиот звук – „До последен здив“. И за разлика од другите, ние не го славиме 40-годишниот јубилеј, туку го славиме завршетокот на претходниот со најава на новиот циклус, кој ќе започне во 2026 година, која ја доживуваме како нова, креативна појдовна точка или „Нулта година“, во која сè ќе започнеме од почеток – нов звук, нова бучава!

Како вовед во јубилејната година, бендот ни го претстави својот најнов видеоспот за песната „До последен здив“. Музиката и текстот се авторско дело на фронтменот Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле, додека аранжманот е заедничко дело на Ѓукиќ, тапанарот Србољуб Радивојевиќ и Воислав Аралица, кој исто така е одговорен за миксот и за продукцијата на песната. Во спотот низ зеницата на окото и во другите асоцијативни сцени се претставени слики и пораки на членовите на бендот во нивните сите развојни и животни фази. Мошне иновативно. За Ѓуле е својствена огромната творечка и креативна енергија, која едноставно се чувствува без разлика дали станува збор за улога во спот, жив настап или готова песна. Едноставно се чувствува тоа енергетско некалкулантство; неговата животна филозофија и стил се – „или сè или ништо!“ Изразената музичко текстуална креативност извонредно се сложува со видеозаписот и создава прекрасна целина податна за гледање и слушање.

Во изведбата на песната и спотот учествуваат самиот Ѓукиќ, вокал и гитари, Србољуб Радивојевиќ на тапани, додека Аралица настапува на гитара, бас-гитара, клавијатури и програмирање. Придружните вокали се на Сања Антовиќ и Игор Симиќ, а снимањето и дигиталната обработка се на Сања Ѓуричиќ, во студиото „Сиена“ во Белград. Омотот на синглот е дело на Марко Вајагиќ, а фотографијата е создадена со помош на вештачка интелигенција (AI). Извршен продуцент и сопственик на сите права е издавачката куќа „РОКА РОЛА“.

Откако со албумот „Море без брегови“ и турнејата што траеше пет години ја воодушевија публиката од 2019 година до денес, „Ван Гог“ го започна своето ново музичко поглавје со синглот „Луд и сам“. Музиката и текстот на „Луд и сам“ се дело на Ѓукиќ, додека аранжманот е резултат на заедничката работа на Ѓукиќ, Радивојевиќ и Аралица.

Со најновите песни, Ѓукиќ потврдува дека неговата креативна енергија е сè уште жива и динамична. Главниот предизвик, како што вели, е да останат препознатливи и свои, избегнувајќи клишеа што во рок-музиката се чест феномен. Новиот музички бран на „Ван Гог“ сигурно нема да заврши тука – бендот најавува нов албум и голема турнеја.

Со своите нови песни, тие ја потврдуваат автентичноста и страста кон музиката, која ги држи витални и концертно активни сите овие години. Тие со својот препознатлив поетски пристап, моќни рефрени и иновативен рок-звук чекорат кон 2026 година, кога ќе го прослават својот голем јубилеј. Македонската публика, како и сите нивни верни фанови, ќе имаат можност да почувствуваат дел од оваа музичка магија, а наскоро се очекуваат уште нови изданија и свежи вести од творештвото на бендот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот