Џон Малкович и Андреј Пленковиќ / Фото: Фејсбук/Андреј Пленковиќ

ФОТО+ВИДЕО | Џон Малкович стана хрватски државјанин: „Со гордост ги негува своите корени“

Џон Малкович официјално стана хрватски државјанин, а веста ја соопшти потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ.

Тој на социјалните мрежи објави дека на славниот американски актер лично му го врачил решението за стекнување хрватско државјанство, за време на „кратка, но важна церемонија“.

„Светски познатиот актер, кој остави силен печат во кинематографијата со бројни улоги, презеде нова улога и стана хрватски државјанин“, напиша Божиновиќ, додавајќи: „Честитки и добре дојде.“


Малкович деновиве престојуваше во Загреб, каде беше примен и од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Бански Двори.

„Долгата кариера и уметничкиот успех на Џон Малкович се голема инспирација за помладите генерации и драго ни е што со гордост ги негува своите хрватски корени“, изјави Пленковиќ.

За време на средбата, разговарале за хрватската култура, туризмот, спортот и бизнисот.


Малкович е еден од најценетите американски актери и во текот на кариерата има одиграно повеќе од 70 филмски улоги, меѓу кои во „Полиња на смртта“ (The Killing Fields), „Империја на сонцето“ (Empire of the Sun), „Опасни врски“ (Dangerous Liaisons), „Во линијата на огнот“ (In the Line of Fire) и „Да се биде Џон Малкович“ (Being John Malkovich).

Двапати бил номиниран за Оскар, а трипати за Златен глобус.

Неговите прадедо и прабаба емигрирале во САД од градот Озaљ, во Карловачката жупанија, а актерот во повеќе наврати престојувал во Хрватска – и приватно и професионално, гостувајќи со театарски претстави.

ФОТО | Џон Малкович во Скопје уживаше во црвено вино и доби подарок

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот