ВИДЕО | Директорот и натаму може да си ги „штелува“ партиските доктори, предупредува „Солуција“
Нема гаранција дека докторите и сестрите во јавното здравство нема и натаму да се бираат партиски, а да извисуваат најдобрите кандидати се додека целосно не се смени постапката за вработување, реагираат од Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“. Минатата недела во Собранието пратениците изгласаа измени на Законот за здравствена заштита со кои на директорите на јавните здравствени установи им беше одземено дискреционото право да можат да го вработат оној кандидат од ранг-листата што најмногу лично им се допаѓа и наложено им беше да го вработат прворангираниот.
Препорачано
Но, Солуција инсистира Законот за здравствена заштита да се смени целосно во делот за начинот за избор на медицинскиот персонал, а тоа ја вклучува и најважната алка според нив, а тоа е Комисијата за избор формирана од самата јавноздравствена установа. Претседателот на „Солуција“, Никола Димитров вели дека ако не се остручи составот на Комисијата за вработување во самата здравствена установа, тогаш и понатаму ќе има ризик таа да биде каналот за нестручни и партиски мотивирани вработувања.
Со други зборови, директорот ќе може да избере Комисија за вработување која ќе биде подобна, а таа потоа ќе го бира кандидатот што „треба“ да влезе. За да се избегне ова, Солуција во консултација со бројни лекари и лекарски организации, предлага Законот за здравствена заштита да се смени темелно во делот на постапката за вработување, а не половично само со одземање на дискреционото право на директорот.
-Ја поздравуваме измената директорот на јавно-здравствената установа да мора да го вработи најдобро рангираниот кандидат. Но, со ова не се завршува работата. Направен е еден важен „полу-чекор“. За да има фер мегдан на квалификувани и способни здравствени работници многу е важно кој ќе ја прави ранг-листата. Сега тоа е пак во рацете на директорот зашто тој директно ја бира Комисијата за селекција. Многу е важно составот на Комисијата за селекција да биде предложен од колективно тело, односно најискусните и најодговорните во здравствената установа односно стручниот колегиум, вели Димитров.
Згора на тоа, младите лекари не можат да најдат каде се објавуваат јавните огласи, односно тие им „испаруваат“ пред очи. Се случува огласот за вработување на здравствен кадар да се објави во четврток и да трае до недела, па никој и да не го види освен тие што треба да се примат на однапред договорено.
Затоа „Солуција“ предлага огласите за вработување во јавното здравство наместо 5 дена, да траат 15 дена, а огласот да не се објавува само во два дневни весници како што е тоа случај сега, туку да се објавува и на страниците на Министерството за здравство, на Агенцијата за администрација, на Агенцијата за вработување како и на сајтот на здравствената установа што го објавила огласот.
„Солуција“ биле вклучени во меѓуресорската работна група за измените на Законот за здравствена заштита и очекуваат сите предлози до коишто дошле, да дојдат во Собранието и да се изгласа целосно нов начин на вработување кој ќе влезе во Законот за здравствена заштита.
-Сите предлози за чесен натпревар беа усогласени и имаме најава дека преку Министерството за здравство нашите предлози ќе дојдат во владина процедура како еден пакет измени кои од овој „получекор“ ќе направат уште два-три чекори за да дојдеме до целта, а таа е департизација на вработувањата во здравството, рече Димитров.
Тестовите што ги добиваат кандидатите за вработување во јавно-здравствените установи ги изработува Комисијата што ја формира Министерството за здравство. Иако тестовите според членот 160 од Законот за здравствена заштита се класифицирана информација со степен на тајност, професори на Медицинскиот факултет со кои зборувавме, велат дека некои кандидати пребрзо ги одговараат прашањата на испитите и има сомнежи дека однапред ги имаат прашањата. За ова нема докази, односно никој не е фатен инфлагранти како издава тест на кандидат.
Од „Солуција“ велат дека треба да се определи законски и кој кандидат има право да дојде до интервју. Според нивниот предлог, право на интервју би имале само оние кандидати кои освоиле одреден квантум на бодови споредено со кандидатот кој освоил најголем број. На ваков начин треба да се спречи лице кое остварило незадоволителни резултати во втората фаза од вработувањето да дојде до интервју.
Прашање на законско уредување според предлозите на „Солуција“ се и видовите прашања кои може да се постават за време на интервју со цел да се избегнат импровизации и привилегиран третман.
На интервјуто треба да се поставуваат три вида на прашања: општи, ситуациони и стручни. Законски се уредува задолжително водење на записник во кој детално ќе бидат содржани поставените прашања и дадените одговори заради правилно документирање на процесот. Со цел да се зајакне кредибилноста на овој дел од процесот се предлага да се оди и со тонско снимање на интервјуто како алтернатива, доколку се исполнети технички критериуми. Понатаму се предлага интервјуто да може да придонесе со максимум 20 проценти од претходно освоените бодови, велат оттаму.
Минатата недела Собранието го усвои предлогот од пратениците на партијата Левица со кој се укинува дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработувањето да одберат кандидат и се воведува обврска да се примаат најдобрите кандидати кои конкурирале на јавните огласи односно највисоко рангираните на ранг-листата.
Според Левица на ваков начин се прави обид да се стави крај на партиските и клиентелистички вработувања во јавното здравство.
Според измените, директорите на јавните здравствени установи повеќе нема да можат произволно да одлучуваат кого ќе вработат, туку ќе имаат законска обврска да ги примат лекарите со најдобри резултати на конкурсите, врз основа на стручноста и квалитетот.


