ВИДЕО | „Денеска му е родена сестра, утре му е трета братучетка“ – рускиот патријарх Кирил е во тајна врска со жена?
Повеќе од пет децении рускиот патријарх Кирил наводно живее со Лидија Леонова, жена која не му е сопруга, но на чие име стојат станови, куќи, автомобили и фирми поврзани со него. Истражувачки новинари од Русија тврдат дека токму таа е клучната личност зад неговиот приватен луксуз и нетранспарентен имот. Додека пропагандата тврди дека се „роднини“, документите и сведоштвата покажуваат поинаква и многу покомплицирана приказна, а патријаршијата молчи.
Патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква (РПЦ), веќе повеќе од 50 години живее во вонбрачна заедница со извесна Лидија Леонова, што е забрането според канонското право, а бројни негови луксузни недвижности и имот се регистрирани на нејзино име, тврди рускиот истражувачки медиум „Проект“.
Препорачано
Иако руската официјална пропаганда – пред сè Владимир Соловјов, најпознатиот пропагандист на рускиот лидер Владимир Путин – тврди дека Леонова е подалечна роднина на патријархот Кирил, анализите на биографиите и архивските документи не потврдуваат никаква семејна врска меѓу нив, пренесува медиумот.
Поглаварот на РПЦ, роден како Владимир Гундјаев, ја запознал Лидија, ќерка на готвачка во регионалниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз (КПСС), во Ленинград.
Интересно е што таа, како што е откриено, во 1971 година се омажила за Украинецот Михаил Леонов, но најверојатно уште во првите години од брачниот живот дошло до недоразбирања, иако официјално не се развеле. Поради тоа се верува дека Кирил и Лидија не се официјално во брак, но живеат заедно.
Кога идниот патријарх во 1984 година бил преместен на служба во Смоленск, таа се преселила со него. Сведоци кои ја посетувале резиденцијата на Кирил додека бил митрополит, ја опишувале Леонова како личност која целосно го води домаќинството на патријархот, раководи со подароците и учествува во неговите деловни односи со соработниците.
Иако на патријархот му е забрането да се жени, Леонова го придружува на приватни патувања со скапи авиони, вклучувајќи ја и посетата на Баку на 5 февруари 2019 година, каде што престојувал една недела.
Поголемиот дел од времето тогаш 72-годишниот поглавар на РПЦ го поминал во Азербејџан, каде што ја одбележувал десетгодишнината од својата интронизација. Прославата била одржана во друштво на неговата придружничка Лидија Леонова и кремаљските олигарси од азербејџанско потекло Года Нисанов и Герман Захаријев (тие се во роднинска врска и исповедаат јудаизам).
Како што пишува „Agents media“, најверојатно тие двајца го превезле патријархот со свој приватен авион и му организирале средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Скандал поради реновирање на станот
Првпат името на Леонова било споменато во јавноста во 2012 година, кога избувнал скандал околу елитниот стан на патријархот во Московската куќа на Набережнаја, со поглед кон Храмот Христос Спасител.
Соседот на патријархот, поранешниот министер за здравство Јуриј Шевченко, кој во младоста многу му помогнал на Путин, го реновирал станот под нивниот, поради што се создала прашина.
На Шевченко му пристигнала тужба, но не од патријархот, туку од Лидија Леонова, која официјално била пријавена на таа адреса.
Спутница патриарха: более 50 лет Кирилла сопровождает тайная гражданская жена
Главу Русской православной церкви Владимира Гундяева больше 50 лет сопровождает спутница, которая живет в его квартире и, как следует из данных погранслужбы, летает вместе с патриархом за рубеж.… pic.twitter.com/ej7fjd0SFk
— Новости «Агентства» (@agents_media) December 22, 2025
Бидејќи патријархот нема право да се жени, црковните функционери тогаш морале да смислуваат објаснувања за ситуацијата – од приказни дека таа му е родена сестра, до тоа дека е „третa братучетка“.
Токму за таа пропагандна задача бил ангажиран Соловјов. Не може да се тврди дека патријархот и Леонова имале интимен однос, но извесно е дека РПЦ и државниот пропаганден апарат со години лажеле за жената на патријархот.
Недвижности регистрирани на името на Лидија
Значителен дел од недвижностите и вредниот имот поврзани со патријархот се формално регистрирани или на името на Лидија Леонова или на нивната заедничка фирма, симболично наречена „Владолид“ (веројатно комбинација од имињата Владимир и Лидија).
„Проект“ утврдил дека на оваа фирма е регистриран објект од 200 квадратни метри во петербуршка зграда од 1874 година, на брегот на Крјуковиот канал, на аголот на Трговиот мост.
Во истата зграда на Леонова ѝ е запишан и стан од 120 квадрати што ѝ го подарил Швајцарец од југословенско потекло, Александар Димитријевиќ.
Друга верзија на името на компанијата сугерира дека правен партнер на Леонова во оваа работа е Владимир Липарј, директор на компанијата „Конкорд“ од империјата на Евгениј Пригожин.
Меѓу идентификуваниот имот се:
- Луксузни недвижности: стан од 200 квадратни метри и стан во историска зграда во Санкт Петербург, како и стан во Московската куќа на Набережнаја, вреден милиони долари
- Селски имот: парцела и викендица во Московската област близу Патриот Парк, како и станови во луксузното населбе Стари коњушници во Москва
- Возен парк: низа луксузни возила, вклучувајќи „BMW X5“ и модели на „Лексус“, купени и регистрирани на Леонова во последните 15 години
Откриените податоци укажуваат на создавање приватна семејна структура во рамките на раководството на РПЦ, што е спротивно на монашките завети за сиромаштво и целибат, потсетува медиумот.
Интересно е дека родената сестра на патријархот, Елена Гундаева, брзо напредувала кога нејзиниот брат станал патријарх: станала помошник-ректор за културни активности, потоа проректор за култура и декан на Факултетот за црковни уметности.
Според вработени и студенти, нејзиниот стил на раководење бил авторитарен, а ја обвинуваат и за неморален живот, наведувајќи дека родила вонбрачнo дете.
Во моментот, официјалните претставници на патријаршијата и самиот Кирил избегнуваат да ги коментираат откритијата на истражувачките новинари од рускиот „Проект“.
Контроверзниот патријарх
Првиот човек на Руската православна црква од првиот ден цврсто стои зад Путин и неговата одлука за целосна агресија врз Украина во февруари 2022 година. Порано патријархот Кирил јавно тврдеше дека Русите кои се борат против Украина наводно не ја нарушуваат библиската заповед „Не убивај“.
– Желбата да се победи Русија денес добива многу опасни форми. Му се молиме на Господ да направи лудаците да сфатат и да им помогне да сфатат дека секоја желба да се уништи Русија ќе значи крај на светот – наведе Кирил на богослужба во јануари 2023 година.


