ВИДЕО | Дац и Александар: Интимна, кабаретска приказна посветена на жените

Драган Спасовски Дац - актер / Александар Митевски - музичар / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

За концертот кој го подготвуваат по повод Денот на жената, на 8 Март, во Драмски театар, актерско-музичкото дуо, Драган Спасов – Дац и Александар Митевски, зборуваа во „Утрински печат“.

Драган Спасовски Дац – актер / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

„Одамна сакавме да направиме нешто вакво, затоа што, тоа го бараат луѓето од нас и кога се договаравме, рековме дека е најдобро да се направи на 8 март, за буквално да им помогнеме и на мажите, а да биде и еден подарок од нас за сите жени. Обично нашата публика е повеќе женска и очекуваме повеќе жени да има во салонот, сите ќе добијат по некој подарок на тој концерт. Има песни коишто се грижливо одбрани, наши песни и други популарни песни од бившите ЈУ простори и Македонија, со коишто ќе го направиме тој прв дел од концертот во салата на Драмски театар“, вели Дац за идејата и реализацијата на концертот.

Александар објасни дека настанот на 8 Март, нема да биде класичен концерт, впрочем, како и сите нивни проекти досега, кои не се стандардни и имаат интересна форма, така ќе биде и оваа ноќ посветена на жената.

„Тоа ќе бидат два концерти, првиот ќе биде со нашиот бенд, поакустична варијанта, а вториот ќе биде журка, како што се навикнати нашите фанови кои доаѓаат на свирките во Скопје и низ Македонија. Ќе имаме и еден наш диџеј, којшто е со нас од првиот ден, Миле Ѓуриќ, кој добро знае да ја загрее атмосферата. Вториот дел ќе биде во поопуштена атмосфера во фоајето на Драмскиот театар, а она што е интересно е тоа што ние ќе бидеме и во двата дела, кои ќе бидат во сосем различен стил“, објасни Александар за концептот на настанот.

Александар Митевски – музичар / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Иако не сакаа да откриваат кои ќе им бидат гости на концертот, сепак, успеавме да извлечеме неколку имиња, за кои велат дека се тоа нивни соработници и секако нивни драги пријатели и колеги.

„Веќе работиме интензивно и овој период, до 8 март, остануваме во Скопје, за да го дотераме концертот како што треба. Значи, првиот дел е со бенд, сите одбрани, фантастични музичари, а дел од гостите ќе бидат Ѓокица Лукаревски, Нино Величковски, Атанас Тановски, Росана Сариќ-Тодоровска. Ќе биде навистина интересно, никако нема да биде монотоно, а гостите ќе го размрдаат и разубават“, ексклузивно ни најави Дац, на што се надоврза и Алекандар со најава и на други изненадувања, кои ќе останат да бидат изненадување за сите кои ќе го гледаат концертот на 8 март.

„Овој концепт не се прави за голема публика, идејата да биде Драмски театар потекна од Дац, за да има една интимна, кабаретска, театарска атмосфера, и мислам дека на друго место тешко ќе го постигнеме тој ефект. Затоа и нема да има реприза од концертот, оние што ќе дојдат таа вечер ќе бидат сведоци на нешто интересно, посветено на жената“, вака го најави концертот Алекандар.

Повеќе од разговорот со Дац и Алекандар, во продолжение на следниот линк:

Интервју со Дац и Александар: Имаме букет од љубовни песни за лежерна атмосфера на 8 Mарт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот