ВИДЕО | Црногорската полиција влезе дома кај Звицер, шефот на кавачкиот клан: заплени коли од пола милион евра и кеш
Црногорската полиција во вторникот соопшти дека спровела координирана и планска акција во которската населба Кавач и на подрачјето на Тиват, со цел пронаоѓање меѓународно барани криминалци, објави „Вјести“.
Препорачано
Повеќе од сто полицајци претресувале повеќе локации, меѓу кои и два објекта во Котор и на Обала Ѓурашевиќ, кои ги користеле избеганиот шеф на кавачкиот клан Радоје Звицер и неговата сопруга Тамара, како и објекти што, како што е соопштено, ги користат членови на истата организирана криминална група.
Претресен е и стан во сопственост на Владимир Божовиќ, син на Игор Божовиќ, како и апартмани и приватни плажи во сопственост или користење на поврзани криминалци.
„За време на акцијата, полицијата во гаражи и на приватни паркинзи пронајде и привремено, заради проверки, одзеде четири луксузни возила, меѓу кои и едно со продажна вредност од околу половина милион евра (околу 500.000 евра), како и околу 17.000 евра во готово, за чиешто потекло ќе се вршат проверки, како и средства за комуникација и техничка опрема што ги користеле наведените лица, а кои ќе бидат предмет на дополнителни проверки,“ соопшти полицијата.
За настаните е известено надлежното државно обвинителство.
„Полицијата продолжува со потрагата по најбараните лица на национално и на меѓународно ниво, како и со активности за сузбивање на сите облици на криминал, со посебен акцент на разбивање на мрежите на организиран криминал и одземање на имот стекнат со криминал“, се наведува во соопштението.


