ВИДЕО | „Чудата“ ја одржуваат надежта во Турција – По 170 часа пронајдена 40-годишна жена во урнатините

Земјотресот во Турција/ Фото EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Спасувачите во Турција извлекоа уште неколку преживеани од урнатините, една недела по смртоносниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, во кој загинаа повеќе од 34.000 луѓе во Турција и Сирија.

Рано утринава, „Анадолу“ објави дека 7-годишното момче Мустафа е спасено во провинцијата Хатај, додека 62-годишната Нафизе Јилмаз била извлечена жива од урнатините во градот Нурдаги, во истата провинција. И двајцата биле заробени 163 часа пред да бидат спасени вчера, недела. Сибел Каја (40) беше извлечена од урнатините на петкатната зграда во Газиантеп 170 часа по земјотресот.

60-годишниот Еренгул Одер останал под урнатините 166 часа во провинцијата Антијаман, додека 45-годишниот Џенгиз Полат бил извлечен од урнатините по 162 часа. Полат им рекол на спасувачите дека удирал во шпоретот до него за да направи врева за да го слушнат.

Во истата провинција спасувачките екипи успеале по 158 часа да ја ослободат 10-годишната Асима Балтаци, која штом излегла, од спасувачите побарала желе со вкус на овошје.

Освен тоа, спасувачките екипи во Кахраманмарас се во контакт со тројца преживеани, за кои се верува дека се мајка, нејзината ќерка и бебе.

„Спасувачкиот тим од Ел Салвадор, поддржан од турски спасувачи, успеа да спаси двајца преживеани, една жена и едно дете, по повеќе од 150 часа под урнатините“, напиша претседателот Букеле на Твитер. Тоа се Мелих Ефе Озџан, дете на околу 5 години и Дениз Дал, жена на 30-годишна возраст, кои се хоспитализирани, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот