ВИДЕО | Чеферин: Ќе го промениме правилото, нема да се суди офсајд за еден сантиметар
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, при вчерашната посета на ФФМ отвори повеќе актуелни теми поврзани со македонскиот, но и европскиот фудбал.
Препорачано
Една од темите беше поскапувањето на билетите за Светското првенство во САД, при што Чеферин јасно порача дека Европа ќе остане верна на својот принцип, фудбалот да биде достапен за сите.
„Сигурни сме во себе бидејќи добро знаеме дека фудбалот во Европа е повеќе од спорт. Тоа е дел од нашата култура и историја и ние не можеме и не сакаме да дозволиме на нашите натпревари да доаѓаат само богати луѓе. Имаме јадро на навивачи за кои цените на билетите мора да бидат прифатливи. ФИФА има друг принцип, но тоа на некој начин не е мој проблем. Ние апсолутно ќе истраеме на тие ниски цени за Европското првенство. Честопати кога разговарам со комесарот на НБА или со други, гледам дека таму владее поинаков менталитет. Во Америка, ако кажете дека билетот е 5.000 долари, оној што нема пари – не доаѓа. Кај нас, ако ги подигнеме цените, секој ќе каже: „Фудбалот е мој, не можеш да ми го одземеш“. Би имале луѓе на улиците и сметам дека би биле во право. Сè уште работиме добро, сè е одлично, зошто би ги кревале цените? Не е сè во парите“.
Во разговорот се осврна и на групата од Лига на нации, каде што ќе играат Македонија и Словенија, заедно со Шкотска и Швајцарија.
„И едната и другата се сериозни екипи, а и целата група – Шкотите и Швајцарците, ние и вие. Тоа е група во која секој може секого да победи, мислам. Ќе биде тежок, навистина тежок натпревар. За Словенија…му реков денес на вашиот селектор малку да се смири против Словенија, а да игра посериозно против Швајцарија и Шкотска“.
Чеферин даде свое видување и за ВАР-системот, кој, според него, донел и позитивни и спорни моменти во модерниот фудбал, особено кога станува збор за офсајд одлуките и играта со рака.
„На прашањето за ВАР нема само еден одговор. Сметам дека во многу работи помогна, но во многу други целосно се согласувам со вас. Ако имате „долг нос“, тоа не значи дека сте во офсајд – тука нема фудбалска логика. Правилото за игра со рака е такво што веќе никој не знае што е прекршок. Тоа треба да им се препушти на судиите сами да одлучуваат. Сепак, ВАР е одличен за офсајд. Моментално работиме со ИФАБ да го промениме правилото, така што целото торзо ќе мора да биде во офсајд, за да не се суди офсајд за еден сантиметар. Тоа би имало повеќе фудбалска логика. Исто така, ВАР е корисен за одредување дали прекршокот е внатре или надвор од казнениот простор. Сметам дека во европските натпреварувања добро го користиме бидејќи сè се одвива брзо, додека во некои лиги гледам дека трае по десет минути, што малку ја одзема енергијата. Сепак, никој не може да каже дека не е фер ако јасно се гледа офсајдот. Денешните фудбалери се многу брзи. Ниту еден судија не може да ја следи брзината на играчи како Јамал, Мбапе или Винисиус, и тука технологијата многу помага. Но, честопати им велам на нашите соработници: интервенцијата на ВАР треба да биде само ако станува збор за јасна и очигледна грешка (clear and obvious mistake), а не за секоја ситница“.
Целото интервју на Чеферин во продолжение:
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин е во официјална посета на ФФМ


