ВИДЕО | Бесими: Она што се случува на европските пазари за струја се прелева и кај нас

Фатмир Бесими
Фатмир Бесими, министер за финансии / Утрински брифинг

И покрај тоа што не сме сигурни што ќе се случува со Владата ние имаме  обврски што треба да се извршуваат, а меѓу нив е и донесувањето на Буџетот, вели министерот за финасии Фатмир Бесими за „Утрински брифинг“.

Вчера во ДУИ во Мала Речица се одржа состанок на високите претставници на партијата.

-За нас клучна премиса е евроинтеграцијата и во тој контекст се зборуваше на синоќешниот состанок со лидерот на партијата Али Ахмети, вели Бесими.

Буџетот за следната година е веќе поднесен во Собранието и процедурите се започнати, посочи Бесими.

-Откако ќе заседава комисијата за финансирање и буџет има десет дена расправа за буџетот. Барем така е според Деловникот на Собранието. Но, прашање е како ќе се постават партиите во таа комисија. Роковите секако течат, вели Бесими.

Сашо Орданоски и Фатмир Бесими / Утрински брифинг

На прашањето, дали ако падне владата и се формира нова влада, амандмански ќе се менува и буџетот, Бесими одговори:

-Ако Буџетот ги помине сите фази, која било Влада може да оди со измени на Буџетот или т.н. ребаланс. Но, роковите се тие и мора да се испочитуваат. До крај на годината мора да се донесе Буџетот.

На критиките на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, дека земјата е во колапс по сите основи, министерот за финансии одговори дека Буџетот е во добра кондиција и може да одговори на сите предизвици вклучително и енергетската криза и мерките за ковид

-Имаме одвоено повеќе пари за секој случај. Сега е важно Собранието да го донесе тој закон да можеме да повлечеме средства од 161 милион евра од ММФ кои можеме да ги користиме и како буџетски резерви, рече Бесими.

Во случај да не се усвои нов буџет, Бесими нагласи дека првите три месеци финансирањето ќе биде како минатата година.

-Важно е да се донесе Буџетот и покрај политичките превирања оти странците сеедно кој е на власт нѐ гледаат како една држава. Имаме проекти во Светска банка за локални проекти, Коридор 8, железницата… сето тоа се развојни проекти во новиот буџет, рече министерот за финансии.

Новите прогнози предвидуваат далеку поголема стапка на раст од околу 4,6 отсто, а ниска инфлација која не би требало да надмине 2,4 отсто.

-Ние одиме со истите прогнози како лани. Во овој период на кризи имавме успешни бројки и резултати. Затоа е важна политичката стабилност на земјата за да може да се исполнуваат прогнозите, вели Бесими.

Енергетската криза во светот предизвика и ценовна криза. Кај нас нема да има промени онаму каде што цените се регулирани. Она што се однесува како струја за домаќинставата ќе се контролира, но покачувањето на струјата за компаниите ќе ги зголеми цените на производите.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот