Невзат Бејта / Фото: Фејсбук

ВИДЕО: Бејта ја почна кампањата во Гостивар, најави „крај на системот на криминал и урбана мафија“

Поранешниот висок функционер на Демократската унија за интеграција и градоначалник на Гостивар од редовите на ДУИ, Невзат Бејта, откако ја промени страната и стана кандидат на владејачката коалиција „Вреди“, официјално ја започна кампањата за повторените локални избори во градот.

Бејта денеска свечено го отвори централниот изборен штаб и ги изложи своите клучни планови за развој на градот. Бејта пред собраните претстави амбициозни проекти за Гостивар во следните четири години – отворање на нов главен булевар, изградба на алтернативен пат што ќе го поврзе селото Форино со градот – со цел да се намали сообраќајниот метеж, особено во периодите на поголем прилив на луѓе, главно иселеници, како и гости.

Користејќи остри зборови и тон, Бејта го критикуваше досегашното локално раководство (од АА на А. Таравари, н.з.), тврдејќи дека во претходниот период биле направени злоупотреби на пари, со значително повисоки трошоци за инфраструктура и недоволно реализирани капитални проекти. Бејта нагласи дека долгот на општината изнесува над 30 милиони евра, при што наплатата од комунални такси и дозволи достигнала околу 27 милиони, без јасно објаснета намена на тие средства.

„На 11 јануари, на оваа лоша власт ќе ѝ дојде крајот. Ќе се врати чесната, транспарентна работа во служба на граѓаните“, порача Бејта, најавувајќи крај на, како што рече, системот на криминал и урбана мафија и најавувајќи дека секој што злоупотребил јавни средства ќе сноси одговорност.

Бејта на социјалните мрежи објави и спотот за кампањата и за обидот повторно да стане гостиварски градоначалник во сменетиот дрес.

На отворањето зборуваше и Азир Алиу, кој истакна дека Бејта има капацитет и искуство да го води Гостивар кон подобри услови за живот, како и претседателот на централниот изборен штаб, Аднан Азизи, кој ја пофали неговата „одлучност за политичка сигурност и стабилност“.

Локалниот штаб ќе го предводи Бахар Шабани, кој ќе ја координира кампањата до изборниот ден на 11 јануари 2026 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот