Атентаторот Томас Метју Крукс пред две години ја снимил рекламата/Фото: Скриншот

ВИДЕО: Атентаторот Томас Крукс во реклама на „БлекРок“, компанијата ја повлече од емитување

Пред неколку години, Томас Метју Крукс, 20-годишникот кој се обиде да го убие Доналд Трамп на предизборен митинг, се појави кратко во реклама на „БлекРок“.

Веста ја потврди претставник на најголемата светска компанија за управување со средства, преку соопштение испратено до Ројтерс.

„Во 2022 година објавивме реклама со наставник од средното училиште „Бетел парк“, во која неколку ученици накратко се појавија во позадина, вклучувајќи го и Томас Метју Крукс “, рече портпаролот на „БлекРок“.

Томас Крукс дипломирал во 2022 година во гимназијата „Бетел Парк“, според Питсбург Трибјун-Ривју.

„БлекРок“ додаде дека сите видеоснимки ќе ги стави на располагање на релевантните органи, притоа појаснувајќи дека рекламата веќе ја повлекле.

„Обидот за атентат врз поранешниот претседател Трамп е одвратен “, соопшти компанијата.

Прашањето за присуството на Крукс во рекламата за „БлекРок“ го покрена екстремно десничарската политичка активистка по име Лора Лумер, која го „закачи“ соодветното видео на социјалните мрежи.

На видеото, Крукс, регистриран републиканец, се гледа во училница како оди на час по економија. Според Питсбург Трибјун Ривју, Крукс кога дипломирал во 2022 година, добил и награда од 500 долари за ушествот на натпревар по математика и наука.

Крукс бил лош стрелец

Според американските медиуми, Крукс се обидел да се приклучи на стрелачкиот тим на неговото средно училиште, но бил одбиен бидејќи бил „многу лош“.

Двајца поранешни соученици на 20-годишното момче, кои зборувале за Њујорк пост, опишале дека Крукс учествувал во тестирање, пукајќи од најлесната позиција, но целосно промашил. Еден од нив, Џејмисон Марфи, тврдеше дека Крукс ја промашил целта за околу шест метри: „Тој учествуваше во пробата и неговото стрелање беше толку комично лошо што никогаш не влезе во состав на тимот “.

„Тој не можеше ни да пука. Беше навистина лош стрелец“, рече вториот студент за Крукс, кој зборуваше за Њујорк пост.

Двајцата млади луѓе, исто така, ја опишаа загриженоста на тренерот за стрелање по тестот на Крукс: „тој тренирал снајперисти, па можел да каже кога некој не е најдобриот човек“.

„Забележавме одредени работи што ги кажа Томас и како комуницираше со другите луѓе. Зборуваше работи кои беа некако вознемирувачки“, додаде еден од младите кои зборуваа за Крукс.

Друг соученик на Крукс, кој зборуваше за Би-би-си, рече: „Тој беше на училиште, но не можам да се сетам на некој што добро го познавал. Во секој случај изгледаше како добро дете“.

„Тој не беше многу популарен, но тоа не му пречеше“, додаде тој. „Не го сметав за способен да направи нешто слично на она што го направи“.

Бајден повика на брза и темелна истрага за обидот за атентат на Трамп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот