ВИДЕО АНКЕТА: Студентите едвај преживуваат, малку се 140 денари за еден оброк

Студентите делумно задоволни од студентскиот стандард. Скопските студенти велат дека се преживува бидејќи не плаќаат станарина, но за тие од страна студентскиот живот е прескап. Екипа на „Слободен печат“ денес ги праша студентите од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ дали се задоволни од студентскиот стандард, за студентските трошоци и за дневните картички кои им следуваат за дневен оброк.
Повеќето од нив беа идни студенти за кои академската година започнува за десетина дена. Но сепак, беа информирани за картичките кои им следуваат за оброк во висина од 140 денари од ден. Скоро сите анкетирани не беа задоволни од висината на парите со кои треба да купат оброк бидејќи повеќето од нив доаѓаат од други градови и имаат повеќе трошоци за сместување и храна.
„Мислам дека повеќе треба да биде дадено за студентите, бидејќи, сепак, студентскиот живот не е евтин. Со самото купување на учебниците и испитните листови, се многу трошоци“ … вели еден од студентите на УКИМ.
Друг дел од студентите кои ги прашавме велат дека трошоците оваа година се поскапени од лани. Тука е киријата која поради ограничен број на станови секоја година е повисока.
„Не сме задоволни од покачувањето на цените на студентските домови, бидејќи, едно, ни е укинат појадокот, и друго, плаќаме плус двесте денари.“ вели студентка од УКИМ.
Дел од тие кои веќе студираат револтирано велат дека стандардот и условите во кои живеат се мизерни.
„Сметам дека сто и четириесет денари се премногу малку за студентски живот, конкретно јас сум од Скопје … немам проблем, затоа што не плаќам кирија, не плаќам храна … меѓутоа, децата коишто доаѓаат од други градови сметам дека им е премногу малку.“
Погледнете ја целата анкета на „Слободен печат“ …