ВИДЕО: Абортусот со лекови е побезбеден – се применува во 80 отсто од европските држави

Весна Матевска, програмска координаторка во ХЕРА/ Фото: Слободен печат

Меѓународниот ден за безбеден абортус, 28 септември, земјава го дочекува во услови кога медикаментозниот абортус стана достапен како здравствена услуга во рамките на пилот-програмата што Министерството за здравство и ХЕРА ја спроведуваат на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

„Како организација се залагаме за тоа жената да има слобода на избор и меѓу другото, безбедниот абортус е едно од здравствените и репродуктивните права, кое што секоја жена треба да го ужива. Со измените во Законот за прекинување на бременоста за прв пат кај нас е воведена можноста жените да направат медикаментозен абортус, тоа е прекин на бременоста кој се прави со помош на лекови и од минатата година и жените во нашата земја ја имаат таа можност. Во овој момент се спроведува како пилот програма Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство само во Скопје и затоа токму на овој ден како организација и како членка на Платформата за родова еднаквост апелираме медикаментозниот абортус да стане достапен и во другите делови на земјата. А причината за тоа што не е достапен и во другите здраствени установи е што кај нас се’ уште не се регистрирани лековите за овој вид на прекинување на бременоста. И едно од нашите барања да се забрза ова постапка, за да оваа метода стане достапна за сите жени во земјата и оние во руралните средини. Ова ќе го олесни правото на жената за прекинување на бременост, при што нагласуваме дека безбедниот абортус е здравствена услуга и таа треба да биде обезбезбедена за сите и на еднаква основа.

Медикаментозниот абортус е безбедна процедура која сè почесто ја заменува хируршката: абортусот со лекови се користи во дури 80 отсто од случаите во земјите во Европската Унија. А во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекинување на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции, со што се намалува ризикот од изложеност на ковид-19“, вели за Утрински брифинг Весна Матевска, програмска координаторка во ХЕРА.

Таа додава дека кај нас се’ уште нема можност за покривање на трошоците за медикаментозниот или друг вид абортус од страна на Фондот за здравствено осигурување. „Би било добро оваа постапка да ја покрие Фондот барем за ранливите категории жени“, рече Матевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот