Весело стендап шоу на Никола Ѓуричко: Баба ми се фрли во Вардар зашто не ѝ даваа да биде актерка

Фото: Стефан Самандов

На умешен и многу забавен начин, српскиот актер Никола Ѓуричко знае да ги раскаже најинтересните нешта од својот живот, префрлајќи се од една до друга приказна, а пак како да раскажува една целина.

Тоа е убавината и најголемиот плус за неговото стендап шоу „Шоубиз“, што се одржа сношти во Филхармонија, а вечерва од 20 часот ќе игра уште еднаш.

Фото: Стефан Самандов

Една од приказните е поврзана со Скопје. Бабата на Ѓуричко силно сакала да биде актерка. Како ќерка на офицер, кој добил прекоманда во Скопје, тоа не ѝ било дозволено.

– Баба ми сакала да стане глумица, но татко ѝ не сакал да слушне, не ѝ дозволувал. Од разочарување, таа се фрлила во Вардар. Но, бил некој период на пролет или лето, и останала само калта, така што баба ми се спасила, се фрлила во кал“, раскажа Ѓуричко. Баба му, сепак, станала успешна театарска актерка, како и самиот тој многу години по неа.

Иако луѓето го знаат главно од телевизија и од филмови, Никола бил стипендист на Југословенскиот драмски театар и таму играл сериозни претстави со големи актери. Црн хумор е приказната кога театаот се запалил, а тој како млад актер, заедно со колегите отишол да спасува дел од реквизитите.

„Водата до колена, колегата и јас се слековме по гаќи и грабавме што можевме, мустаќи, перики“, се присети тој.

Кога полицијата дошла да направи записник, Ѓуричко бил еден од осомничените затоа што во една претстава пушел на сцената. Давајќи шеговити одговори на полицајците, кажал дека само кога има пари, пуши скапи цигари.

Фото: Стефан Самандов

Милена Дравиќ и Драган Николиќ биле важен дел од неговиот живот, и ги нарече неговите филмски и театарски родители. Еднаш задоцнил на претстава цел час, заборавил дека воопшто има работа тој ден, а славниот актерски пар го чекал. Пиејќи варено вино кај другарот пред претставата, кога дошол на сцената, откако брат му во паника дошол да го бара кај пријателот, комплетно го заборавил текстот. Големината на Милена и на Драган била во тоа што не му се налутиле, туку се насмеале, а Богдан Диклиќ и Бранко Цвејиќ го „извадиле“.

Имаше и многу приказни за легендарниот Власта Велисављевиќ, кој преклани почина на 95 годишна возраст, и ја имал целата воена историја во малиот прст. Власта играл во театарот во Тузла со бабата на Никола, а тој на шега го прашувал: „Дали си ми ти дедо?“

Фото: Стефан Самандов

Неизбежни беа приказните и за неговито другар, Небојша Глоговац, а најлегендарна е онаа кога по филмски фестивал со Сопот, немале осум евра за да платат јагнешко на скара, неколку сомуни и полна торба пива.

„Каков гламур еј, го изедовме јагнешкото на хаубата на автомобилот кога стасавме во Белград – филмски ѕвезди“, рече Ѓуричко, а парите за да му ја платат „гозбата“ на скараџијата им ги позајмил Јосиф Татиќ.

Никола раскажа и дека го нервираат папараците, и оние кои упорно снимаа со своите телефони од публиката иако неколкупати ги замоли да не го прават тоа. Својата театарска публика ја нарече елита.

„Да не сте вие, јас ќе умрев од глад“, кажа тој.

Фото: Стефан Самандов

Ќе си поминат весело оние кои вечерва ќе го гледаат шоуто на Ѓуричко, а во Скопје ни дојде на покана на фестивалот „Таксират“ во соработка со „Скопје комеди“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот