Венко Филипче за „Слободен печат“: Итната помош не се приватизира, тоа е еден голем политички спин!

Венко Филипче, министер за здравство. / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Итната медицинска помош и домашната посета да ја вршат и приватни здравствени установи, наместо само државната која сега се повикува на телефонот 194, предложи владата во измените на Законот за здравствена заштита. Но, законот наиде на блокада во Собранието, бидејќи 1.200 амандмани од партијата Левица се пречката овој закон да биде изгласан.

-Не станува збор за приватизирање на брзата помош, тоа е политички спин. Зошто? Затоа што во законот сега јасно пишува дека итната медицинска помош може да ја врши само јавно-здравствена установа, а фактичката ситуација на терен е дека итната медицинска и стоматолошка помош ја прават и приватни установи. „Неуромедика“ има брза помош. „Жан Митрев Клиник“ има транспорт, „Никоб“ почнува сега. Ние само го озаконуваме тоа што фактички на терен се случува. Приватниот транспорт кој сега граѓанинот го повикува, го плаќа од сопствен џеб и така ќе продолжи тоа. Фондот за здравство нема да ги преземе тие обврски. Граѓаните нема да имаат никаков трошок кој досега го немале. Ние сега го ставаме во закон, она што со години наназад на терен се случува. Каде е тука приватизацијата?, изјави за „Слободен печат„ министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека вчера, по состанокот на Комисијата за здравство во Собранието, имал консултација со пратеничките групи на ДУИ, на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ и на сите им ги објаснил промените.

-Се сложивме следниот петок, идната недела во Собрание да организираме јавна дебата за сите измени на Законот за здравствена заштита, но им објаснив на сите пратенички групи дека не станува збор за приватизација и мислам дека разбраа. Што да направам сега јас што Неуромедика има итна медицинска помош, да ги затворам? Утре ако некоја приватна итна помош направи сообраќајна незгода, кој ќе одговара за тоа, кога не се законски регулирани, додаде Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот