Венко Филипче: Го разбираме стравот кај жителите на Лабуништа, тоа се наши сограѓани и соседи, но мора да соработуваат

Откако епидемиолозите се пожалија дека во струшкото село Лабуништа наидуваат на отпор кај населението да се тестира за коронавирусот, и откако алармираа дека иако жителите имаат симптоми, сепак ги пропуштаат закажаните термини на ,,мој термин”, здравствените власти на терен ќе ги едуцираат и тоа преку влијателните личности во заедницата.

Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната прес конференција потврди дека навистина, кај дел од граѓаните во Лабуништа постои отпор да се тестираат, но дека ќе се работи на едукацијата поинтензивно.

-Во Лабуништа, разговаравме денеска да се активираат сите луѓе што имаат влијаение во средините, кои имаат авторитет во општината и да попушти отпорот кај дел од луѓето. Кај дел од луѓето има отпор, не кај сите. Има луѓе што коректно соработуваат но има за жал има и такви што даваат отпор и со нив на терен интензивно работиме. Да им се објасни, да се доближи информацијата дека болеста е сериозна и мора да соработуваат. Ги разбираме, можеби им е страв, тоа се наши сограѓани, соседи, секој од нив бара различен пристап. Еве генерално некои ги почитуваат мерките некои не ги почитуваат. Им благодариме на тие што ги почитуваат, ги осудуваме тие што не ги почитуваат мерките но имаме и развиваме механизми да работиме со нив. Почнавме кампања за приказ на случаите од инфективните одделенија, да се доближи таа информација до граѓаните, да сфатат дека треба да се соработува зашто тоа е во интерес на нивното здравје, рече министерот.

На прашањето на ,,Слободен печат” колку време моментално се чека за да се готови резултатите од тестирањето, тој посочи дека најчесто се готови истиот ден или утредента, а дека случаите кога се чека повеќе од 2 дена се исклучок од правилото.

-Во огромен процент брисевите се изработуваат истиот или следниот ден. Мал процент остануваат да бидат изработени после два дена и тоа согласно степенот за ризик и индикацијата, дали се итни, дали се асимптоматски граѓани или пациенти кои имаат симптоми. Исклучок е тоа кога се чека резултатот 3 дена. Или се готови истиот или следниот ден. Од последните повеќе од 1 недела во Институтот за јавно здравје е апарат кој прави брзи тестови на вирусот и се користи кога има итност, таму каде што треба да се направи некоја интервенција кај пациентот, и тој резултат е готов за 45 минути. Имаме механизам и за ултра брзи тестови, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот