Венинова: И македонските серии може да бидат успешни како и филмовите, но телевизиите не чувствуваат потреба да прават вистинска играна програма

Елеонора Венинова, режисерка/Фото: Слободен печат

Долгометражното првенче на режисерката Елеонора Велинова, филмот „Преекспонирано“ овој месец имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Каиро, но беше забранет за прикажување пред пошироката публика од недоволно јасни причини. Одлуката на египетските цензори се однесуваше и на некои други филмови кои беа во официјалната конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Каиро. Домашната публика овој нов македонски игран филм во кино ќе може да го гледа на пролет.

-Македонската премиера ни е планирана некаде кон крајот на март или почетокот на април идната година, а за тоа имаме и причина. Во изминатиот месец во кината имавме 4 македонски филмови и во моментов имаме македонски филм. Првиот момент е што не треба да си бидеме конкуренција едни на други, а другата е Светското првенство во фудбал па дури и нашата премиера во Каиро се поклопи со отворањето на фудбалското првенство. И уште една причина е фактот што е зима и нема греење во нашите кино сали поради штедењето. И тоа беа препораките од нашите маркетинг соработници, да почекаме за македонска премира на пролет, односно кога ќе поминат сите новогодишни, божиќни празници, Водици, распусти и слично итн., рече режисерката Елеонора Венинова во гостувањето во „Утрински печат“.

„Преекспонирано“ е приказна за брачна двојка која е на одмор во Охрид каде на гости им доаѓа ќерка на блиски пријатели и прави домино ефект во нивните брачни односи, ги тера да ги преиспитаат своите односи и бракот во целина. Сопружниците ги играат актерите Благој Веселинов и Камка Тоциновска, додека Сара Климовска е во улогата на девојката која им влетува во брачниот живот.

Венинова во моментов го дозавршува новиот краткометражен филм „Прошетка“ кој го снимаше минатиот месец, а работи и на сценарија за ТВ серии и на сценариото на својот следен долгометражен филм. Инаку Венинова беше автор и режисер на дел од епизодите од популарните македонски ТВ серии „Преспав“, „Инсајдер“, „На Терапија“, „Фамилија Марковски“ кои пред пет години во истовреме се појавија на водечките македонските телевизии но после тоа не е забележана толкава продукција на домашна играна програма.

-Во 2017 излегоа 5 македонски серии, некои во прва сезона, некои во втора и јас работев на сите пет. Причини зошто не се снимаат повеќе серии има повеќе. Ако се споредуваме со Србија тоа е пет пати поголем пазар од нас. Има државен буџет. Има приватни телевизии кои самите го финансираат снимањето. Кај нас приватните телевизии, на некако наоѓаат начин тоа да го заобиколат, да снимаат програми кои не се играни, меѓутоа им поминуваат како играни и во тој поглед не чувствуваат потреба да прават вистинска играна програма, не мора да се серии, бидејќи тоа едноставно им поминува. Факт е дека голем дел од сериите кои излегоа во 2017 година беа направени со пари од странски финансиери. Во моментов колку што знам само Македонската теливизија снима серии, а под какви критериуми не знам бидејќи имам налетано само на еден конкурс за серии и тоа беше многу чудно нешто напишано на една страна и не знам и таму како се одобруваат сериите кои се снимаат и едноставно, ситуацијата е доста депресивна на тоа поле, вели Венинова.

Младата и успешна режисерка проблемот што повеќе не се продуцира домашна играна програма во толкав обем го лоцира во приватните телевизии кои имаат законска обврска за продуцирање на домашна програма, но вешто го избегнуваат тоа. На приватните телевизии со години се прикажуваат регионални серии, претежно турски и од скоро српски играни серии.

-Проблемот е што ние имаме промоција на македонската култура преку филмовите. Нашите филмови успеваат во она во нивна улога на промотор на македонската култура. Со сериите е поинаку и тој сегмент е оставен на приватни чинители – телевизиите. Нам ни треба драмска серија која ќе излезе од студиото и буквално ќе биде снимена како филм. Идеи и сценарија не се проблем иако некој продуцент или уредник од телевизите ќе ви каже дека нема сценарија, не е точно. Еве јас имам сценарија, знам и други колеги кои имаат идеи за серии и дури напишани сценарија барем за прва епизода, например, но нема финансиери. Не знам кое е решението. Сериите може да бидат исто како она што станаа филмовите кај нас. Како еден вистински амбасадор и претставник на нашата култура. Ние ако успееме да направиме серија којашто е доволно квалитетна и којашто ќе се емитува во Србија наместо само да емитуваме нивни серии тука или во Турција, па зошто да не извеземе и во Германија, има таму телевизии АРТ, ЗДФ кои прикажуваат странски серии и ги натсинхронизираат. За да се направи пробив мора државата или да почне поригорозно да ги спроведува законите, а тоа не и е најјака страна на државата да си ги спроведува сопствените закони или мора едноставно телевизиите на некоја добра волја да почнат да произведуваат квалитетна играна домашна програма, рече Венинова.

Таа како позитивен пример ја посочи детската играна серија „Зоки Поки“ на МТВ која е многу успешна и беше продадена во скандинавските земји, но се уште не е снимена втората сезона од ваквиот успешен македонски производ.

На прашањето како да се направи добар ситком со универзален хумор кој ќе ја освои публиката и надвор од државните граници, Венинова вели:

-„Преспав“ е специфична и тие ситкоми се специфични. Тие тешко се продаваат во странство особено колку подалеку излегувате од границите на регионот, тој хумор станува помалку смешен, за жал. И тоа не е случај само со нашите ситкоми. Англиските и американските ситкоми добро поминуваат во цел свет, но има ситкоми кои добро поминуваат во Србија, во Бугарија во Германија но ние не ги гледаме тука зошто тој тип на хумор кој се пишува во ситкоми тешко патува, иако „Преспав“ имаше прикажување во Бугарија. Треба различно да се постави целата серија во однос на драмско дејство, ликови и самиот хумор, ако сакате да ја извезувате, одговори режисерката.

Таа ја поздрави идејата во Македонија да се изгради филмски град по теркот на Србија и Бугарија каде холивудската филмска индустрија ќе продуцира филмски хитови, но како и некои други инвестиции и оваа идеја на актерот и продуцент Џон Малкович е заглавена во некоја од државните институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот