Вељаноски: Гласањето за измена на Уставот мора да се случи најдоцна денеска

Фото: МИА

Во досегашната пракса на Собранието на Република Македонија никогаш не се случило да се покрене постапка за измена на Уставот без претходно обезбедена политичка согласност од најмалку 2/3 од пратениците.

Гласањето за уставните измени мора да се случи најдоцна денеска, секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот, порача поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

Тој преку соопштение ја коментира иницијативата за пристапување кон измена на Уставот и како што вели основно правило, но и правило од праксата за пристапување кон измена на Уставот е веќе обезбедно двотретинско мнозинство пратеници. Според него предлагачот на иницијативата кон измена на Уставот, во овој случај Владата, воопшто не требало да си дозволи да покрене ваква постапка без предходно обезбедено двотретинско мнозинство.

„Во досегашната пракса на Собранието на Република Македонија никогаш не се случило да се покрене постапка за измена на Уставот без претходно обезбедена политичка согласност од најмалку 2/3 од пратениците. Единствен исклучок е оваа постапка и насилната постапка за измена на Уставот по Преспанскиот договор.

Согласно член 196 став 1 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија претресот за измена на Устав трае 10 работни денови и по завршување на претресот се пристапува кон гласање. Денес, на 1 септември завршуваат десетте работни денови откако беше отворена постапката и завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница број 123, закажана и одржана на 18 август.

Гласањето мора да се случи најдоцна денес. Секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот“, пишува Вељаноски.

Тој додава дека Деловникот за работа на Собранието не дозволува неизвесност со постапката од толку високо значење.

Во согласност со Уставот на Република Македонија односно неговиот член 67 и во согласност со Деловникот за работа на Собранието, односно неговите член 6 и член 60, претседателот на Собранието единствено го претставува Собранието и се грижи за примената на Деловникот и за остварување на правата на сите пратеници подеднакво.

„Политичките одлуки ги носи Собранието, а не Претседателот на Собранието. За излез од оваа ситуација потребно е согласно член 67 став 2 од Деловникот за работа на Собранието минимум 20 пратеници да бараат продолжување на 123 седница а претседателот на Собранието согласно член 24 став 2 од Законот за Собрание да постапи и свика ад хок кординација на која би се договорил датумот на продолжување на 123 седница на Собранието, кога ќе треба да се гласаат уставните измени Доколку претседателот на Собранието и покрај барањето на минимум 20 пратеници не закаже продолжение на седницата ја презема на себе целата одговорност, прави лоша практика,  се става над сите пратеници и конечно го изместува целосно политичкиот систем на институционалната поставеност на уставното уредување на Република Македонија“, објаснува Вељаноски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери неодамна се повика на дискрециското право да ја прекине седницата.

-Според член 81 став 1 „Претседателот може да ја прекине седницата кога ќе нема потребно мнозинство за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно.“ Ова е текстот на став 1 врз основа на кој сум ја прекинал седницата. А, во ставот 5 пишува дека времето до продолжување на седницата го определува претседателот и никој друг, тоа е дискрециско право. По говорот на Јован Митревски, констатирав дека „претресот е завршен и дека овде ја прекинувам работата на оваа седница, дополнително ќе ве информирам кога ќе ја продолжиме – рече тогаш Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот