ВЕЛИГДЕН: Се шират повици за литургија со маска или шал, без гужвање и еден по еден (ФОТО)

До редакцијата на Слободен печат пристигнаа реакции од вознемирени струмичани кои виделе известување кое се споделува на социјалните мрежи, а во кое се повикуваат да дојдат на литургија на Велики Четврток во 8 часот утрината. Во известувањето, за кое не се знае кој го напишал, се тврди дека литургијата ќе се одржи надвор, во црквениот двор, а напладне ќе се изврши поклонување на светиот крст со инструкција тоа да се направи ,,без гужвање” и во колона еден по еден. За третиот ден од Велигден, во 8 часот имало закажана литургија и кој има таксано нешто, а потпишан е и отец.

На интернет има и петиција потпишана од околу 1.300 луѓе кои бараат од Светитот Архиерејски Синод на МПЦ на Велигден црквите да бидат отворени за верниот народ на територијата на целата држава и да има литургии за најголемиот христијански празник. Министерот за здравство доктор Венко Филипче минатата недела, одговарајќи на прашање на Слободен печат, рече дека за велигденските празници ќе има целосна рестрикција за движење зашто се стравува дека ако се дозволи движење, ќе биде тешко да се спречат собирите. Оттогаш и за министерот се споделуваат фотографии со клетви и навреди.

Во петицијата до МПЦ се бара на велигденската богослужба непречено и достојно да се овозможи присуство на верниот народ, а за да се запазат мерките за вонредната состојба со коронавиурсот присутните да бидат на потребна раздалеченост, богослужбите да се одржуваат во дворовите на црквите и манастирите.

,,Владата треба да покаже разбирање за овој посебен ден во годината, кога е посебно богослужење каде што е потребно присуство на повеќе од 2, 3 или петмина присутни на богослужба. Ако е дозволено во овие вонредни услови да има организираност во маркети, банки, шалтери, каде што се запазуваат Владините мерки, ВЕ ПРАШУВАМЕ – зарем МПЦ нема да се потруди да создаде услови на ден Великден, заедно со верниот народ, да го прослави она за што постои, и во овие времени рамки на постоење да го побара своето право како одговорност пред Оној на кого го должи своето постоење? Зарем МПЦ нема достојно да го прослави Христос Распнатиот и Воскреснатиот? Зар се плашиме од смртта, одбивајќи да ја прославиме Христовата победа над смртта? Зарем ќе останеме оддалечени од Бога, Телото и Крвта Христова, кој што дава исцеление, здравје и живот, особено потребни во овие времени премрежја?” стои во петицијата.

Меѓу верниците се создаде и раздор, зашто оние кои решаваат да останат дома и оттаму да ги упатат своите молитви се соочуваат со навреди и обвинувања од оние кои сакаат да одат во храмовите, дека не се доволно големи верници и дека треба да се засрамат. Неделава владата ќе дискутира на Комисија за посебни рестриктивни мерки за движење поврзани со велигденските празници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот