Велешанецот најверојатно се заразил со конго-кримска треска додека бил на риболов

Инфективна клиника / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Пациентот од Велес, кој е трет случај на конго-кримската треска можно е да се заразил додека бил на риболов. На денешната прес-конференција, директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Милена Стевановиќ истакна дека пациентот има една рана која може да биде од крлеж, но тоа е заклучено индиректно и клинички, а самиот пациент не е свесен дека е каснат од крлеж. Како што информираше д-р Стевановиќ, неговата состојба е стабилна и се следи, а неговите контакти, вкупно девет, се лоцирани и се под медицински надзор.

– Во саботата вечер е донесен суспектен пациент за конго-кримска треска од велешката болница и во текот на ноќта е потврдена неговата дијагноза. Тој е во добра состојба, се жалел на покачена температура, главоболка, болка во мускулите и зглобовите, поради што и побарал лекарска помош. Лабораториските анализи беа со намалени тромбоцити во текот на вчерашниот ден, но со редовна супституција и комуникација денешните резултати се уредни. Но, не значи дека нема да имаме тек и развој на болеста. Пациентот е стабилен и се следи под лупа за сè што треба да се додаде во неговиот третман – изјави директорката на Инфективната клиника.

Како што појасни таа, можниот начин на зараза е рибарење покрај еден дел на Вардар каде што има влага, непроодна трева. Четири лица од неговото семејство се под медицински надзор, како и лекарите кои го третирале пациентот во велешката болница.

Епидемиолозите и Агенцијата за храна и ветеринарство се вклучени во следење на треската и се на терен, заловуваат инсекти и ги испитуваат. До вечерва очекуваме резултати, па Комисијата утре ќе ги разгледа сите поврзани детали – додаде д-р Стевановиќ.

Таа појасни и дека конго-кримската треска се пренесува преку крлеж. Може да биде пренесена и од консумирање на несоодветно или нетретирано млеко, месо од заразени животни.

Најчесто се пренесува кај здравствени работници, сточари, риболовци, ловџии, оние кои ги колат и обработуваат месните продукти на евентуално заболени животни. Овој пациент, свесно не дава податок дека забележал каснување од крлеж, што не мора секогаш да биде и забележана. Има една рана која може да биде од крлеж, но тоа го заклучуваме индиректно и клинички. Тој самиот не е свесен дека бил каснат од крлеж – појаснува директорката на болницата.

Д-р Милена Стевановиќ упати апел до луѓето кои се во природа, особено рибарите, ловџиите и планинарите – да носат високи чизми и чорапи, посветла облека за полесно да се забележат инсектите, а до здравствените работници апелираше да не го забораваат основниот редовен протокол за заштита при работа.

Болничарката која се зарази со конго-кримската треска е во стабилна состојба и не се очекуваат компликации. Претходно, 27 годишна девојка од штипското село Кучица почина по убод од крлеж.

Контактите на болничарката што има конго-кримска треска не се во изолација, од нив 10 се од семејството

Заразената болничарка се лекува со лекот Рибавирин, а како што информираше директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ пациентката е во стабилна состојба и влегува во фаза во која се очекува појава на крварење или таканаречена хеморагична фаза.

Болничарката која се инфицираше со конго-кримска треска ќе се лекува со лекот Рибавирин

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот